Покрај до петте училишта каде што првично беа испратени дојави, подоцна дополнително било пријавено дека иста закана пристигнала преку електронска пошта до уште три школи во Скопје. Проверките во дел од нив сè уште траат

Во дел од средните училишта во Скопје до кои стигнаа дојави за бомби се завршени антитерористичките проверки и е утврдено дека станува збор за лажни дојави.
Според последните информации од МВР, во дел од школите проверките сè уште траат.
Дојавите за бомби денеска беа испратени по електронски пат до пет средни училишта по што беше извршена евакуација на учениците и вработените. Училиштата до кои беа испратени дојавите се: „Раде Јовчевски Корчагин“, „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз Тито“ и АСУЦ „Боро Петрушевски“.

„По добивањето на мејловите, мораше веднаш да постапиме и да пријавиме во МВР. Сите ученици се веднаш евакуирани. Од екипите ни беше укажано дека проверката ќе трае подолго време и затоа настава во втора смена нема да има“,
ни изјави Митко Димовски, директор на СУГС „Орце Николов“.
Покрај до петте споменати, подоцна дополнително било пријавено дека иста закана пристигнала преку електронска пошта до уште три училишта во Скопје и оти и таму се преземаат мерки за безбедно евакуирање на учениците и вработените.