Партискиот лидер оцени и дека е неминовно обединување на опозицискиот блок и тој процес, како што рече, е веќе започнат и наскоро може да се очекуваат конкретни резултати
„Македонија за сите луѓе“ е новиот слоган на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чие значење вечерва во Охрид го објаснуваше партискиот лидер Христијан Мицкоски, на прославата на 31. роденден на партијата. Тој ги претстави и новите бои на ВМРО-ДПМНЕ, за кои рече дека сега се осум, а зборуваше и за стратегијата за дејствување во наредниот период.
„Македонија не е создадена за касти, клики и слоеви. Македонија е на македонскиот народ и на сите граѓани кои слободно живеат под ова небо. Затоа нашата борба од денес, па натаму, се вика ‘Македонија за сите луѓе“. Тоа е новата политичка стратегија на ВМРО-ДПМНЕ, светоглед согласно со кој ние ќе дејствуваме. Платформата со која ќе допреме до секое срце на секој еден наш граѓанин. Силата која што ќе ги обедини сите искрени и чесни граѓани кои си ја сакаат Македонија и кои сакаат својата иднина да ја градат токму овде. Време е да зборуваме за иднината, да му кажеме на народот што е нашата визија, мојот сон за нашата заедничка Македонија. Време е да се крене земјата од оваа национална и економска девастација. Време е да се победат неморалот, кичот и парадерството“,
рече Мицкоски, кој, претходно ја критикуваше власта поради тоа што, како што рече, во земјава имало граѓани од прв и од втор ред.
Тој рече дека партијата почнува со визуелно ребрендирање на партијата, посочувајќи дека партиските бои се црвена и црна, а државните бои црвена и жолта. Овие три бои, рече, се симбол на нашиот патриотизам и тие не’ обединуваат. Но, помеѓу, како што рече постојат повеќе нијанси кои опфаќаат повеќе категории на луѓе. Затоа трите бои на патриотизмот, нагласи, прераснуваат во осум кои исто така се патриотски, се со цел да претставиме дека помеѓу нас некогаш може да има разлики, но кога Македонија е во прашање, сите сме едно и сите сме на браникот:
-За оние кои ја носат црвената во срцата, на кои крвта им е врела, кои сакаат добробит за македонските градови и села.
-За оние на кои црната им е важна, кои жалат по Гоцевите идеали и сонуваат да ги поправат последиците од катастрофалните национални порази што ги донесе Заев. И за сите оние кои пропатеа од црнилата на оваа власт, на кои што тешкиот живот им е секојдневие, за мајките, татковците, браќата и сестрите на кои режимот на Заев им одзема нешто, а на многумина и самиот живот.
–Жолтата за оние кои веруваат во вистинска демократија, кои се борат за човекови права, кои имаат енергија и виталност, предизвикува среќа и радост, но и веруваат во тој долго ветуван европски сон.
– Белата за оние кои веруваат во слободата и кои се борат за иднина, како нов почеток, нова победа, нов успех.
–Сивата е за обесхрабрените, оние кои овој хибриден режим ги осиромаши и понижи, кои ги избркаа од работа, а децата им ги избркаа од државата. Оние кои ги условуваат со социјалната помош и земјоделските субвенции. Оние кои и покрај маката имаат мотив, големи срца и никогаш не потклекнаа.
– Аловата, светло црвена, е за младите кои се наша иднина и иднина на нашата Македонија. Кои поседуваат идеи, знаења, вештини, имаат потенцијали и капацитети да ја носат Македонија на свој грб и да ја направат многу поуспешна од многу други земји, затоа што имаат премногу енергија, а наше е да им создадеме шанса и можност.
–Бордото е за оние кои ја бараат правда, правда за себе и правда за Македонија. Кои се за вистинско владеење на правото, за редот и поредокот, за стабилноста и предвидливоста, кои сакаат правен систем кој ќе ја стимулира економската активност и ќе ги руши бариерите за подобро утре.
– Портокаловата, за оние кои сакаат да работат. Кои знаат да работат. Кои знаат со свој труд да остваруваат успеси. Таа е за претприемачите, за бизнисмените, за носителите на економскиот живот. За секој еден човек кој со свој труд и со трудот на своето семејство создава, остварува и гради,
наброи Мицкоски.
Партиски симбол стана и знакот за „штиклираното одобрување“, што, како што објасни партискиот лидер, значи потврда за решеност и преданост кон идејата.
„Со знакот се симболизира и почетокот на нашата борба, падовите кои ги имавме овие 31 година, но и издигнувањата и успесите за кои се бориме, исправањето на партијата и исправањето на државата, кое ќе го обезбедиме. Нашата иднина е економски развиена држава членка на Европската Унија и на НАТО. Затоа, кажете им на тие кои се уште не чуле дека ВМРО-ДПМНЕ ги има боите на Македонија и дека не бега од своите корени, но и дека има јасен план за нашата заедничка македонска иднина.Ние се обраќаме кон сите кои своите идеали ги наоѓаат во десниот политички спектар на Македонија и тоа од мекиот центар, до крајната десница. Кои доколку се здружат, ќе нема кој да ги победи “,
рече Мицкоски.
Тој рече дека е неминовно обединување на опозицискиот блок и тој процес, како што рече, е веќе започнат и наскоро може да се очекуваат конкретни реазултати.
„Македонија е за сите луѓе, за сите партии, групации и индивидуалци кои си ја сакаат државата и затоа оваа битка е наша заедничка -нас кои сме против мафијата на власт, предводена од Зоран Заев и СДСМ. Можеби помеѓу нас има разлики, но она што не обединува е многу поголемо. Македонија тоа го бара од нас, од сите нас. Ја знаете сите онаа важна животна лекција дека една по една прачките полесно се кршат, ама кога се заедно една до друга, здружени, обединети, нема сила кшто ќе може да ги скрши. Туку тие ќе го скршат криминалот и хибридниот режим што ја притискаат Македонија. Добредојдена е секоја интелектуална и граѓанска сила и партија, било да се оние кои срамежливо одбиваат да одговорат дали ни се приклучуваат или оние кои ни даваат поддршка да одиме до крај. Македонија е многу повеќе од една или две партии, од една генерација или повеќе генерации политичари. Македонија е заедничката покривка околу која сите се обединуваме. Луѓето бараат среќа и поквалитетен живот, луѓето бараат промени, луѓето сакаат да си ја вратат државата. Ќе се избориме обединети, силно и одлучно“,
рече Мицкоски пред сопартијците кои се собраа во Охрид за да го прославата 31.роденден на ВМРО-ДПМНЕ.,