Централните настани по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, како што соопштија од кабинетот на Владата, како и секоја година, традиционално ќе се одржат на 23 и 24 мај во Ватикан и Рим со аудиенцијата на делегацијата на Република Северна Македонија кај папата Франциск на Светата Столица, која оваа година ја предводи премиерот Димитар Ковачевски
Владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, а во придружба на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за правда Никола Тупанчески и заменик-министерот за одбрана Башким Хасани положија венци со цвеќе пред споменикот на Светите браќа Кирил и Методиј во кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
„Централните настани по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј, како и секоја година традиционално, ќе се одржат на 23 и 24 мај во Ватикан и Рим со аудиенцијата на делегацијата на Република Северна Македонија кај папата Франциск на Светата Столица, која оваа година ја предводи премиерот Димитар Ковачевски, со молебенот на гробот на Св. Кирил во црквата „Сан Клементе“ во Рим и со пригодни културно-уметнички содржини во главниот град на Италија“,
посочуваат од владиниот Кабинет.
Венци со цвеќе пред споменикот денеска положија и делегација на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, делегација на Собранието на Република Северна Македонија, делегација на Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, делегација на Сојузот на борците, делегација на Армијата на Република Северна Македонија, делегација на Град Скопје и делегација на дипломатскиот кор акредитиран во Република Северна Македонија.
Делегацијата од кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија која положи цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј на кампусот на УКИМ беше составена од заменик-генералниот секретар, Билјана Радева и советникот за надворешна политика, внатрешна политика и уставни прашања, д-р Александар Љ. Спасов.
Со денешната активност на владината и делегацијата на претседателот на Република Северна Македонија започнаа чествувањата од програмата за одбележување на државниот празник 24 Мај – Ден на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј, патрони на УКИМ и светители на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија кои со своето дело за ширење на христијанството и јазиците на словенските народи, денеска се празнуваат и чествуваат во повеќе европски земји.