„Дали е ова 1939?“, Без образование нема држава!“, „Тука сме за домот навистина да ти биде како дома“, се дел од пораките кои преку транспаренти студентите ги испратија до власта

Жолт картон им дадоа студентите на политичарите на вечерашниот марш по повод 17 Ноември – Меѓународниот ден на студентите. Симболично, пред зградата каде е сместено Министерството за образование и наука (МОН) тие оставија жолти ливчиња со пораки и примероци од студентски оброк и побараа поквалитетни услови и подобар студентски стандард.
До пред МОН студентите стигнаа марширајќи од пред Владата.

„Во 1939 година нацистите ги имаат нападнато студентите од универзитетот во Прага. Тоа е симболиката на самата порака: ‘Дали е ова 1939 година?’. Дали сегашните студенти ќе имаат ваков крај? Дали ова ќе значи крај на студентскиот стандард“,
рекоа организаторите.
„Дали е ова 1939?“ гласеше и еден од транспарентите кои вечерва со себе ги носеа студентите. Преку останатите испишани пораки тие порачаа и: „Без образование нема држава!“, „Тука сме за домот навистина да ти биде како дома“, „Тука сме за да не ти биде џабе учењето“, „Ајде да ги замениме нашите оброци со вашите“.
„Колку квалификувани и образовани кадри треба да си заминат за да се освестите? Борбата која ја водите со нас знаете ли каков исход има? Студентското будење е предвесник на многу општествени промени. Се надевам дека во иднина ќе имаме подемократски законодавен дом“,
рече Милица Давчева од движењето „Студентски отпор“, во говорот пред МОН.
Покрај „Студентски отпор“, во организацијата на маршот учествуваа универзитетските студентски собранија при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Штуловиот универзитет, ФОН, Американ колеџ, ФОП, универзитетите од Битола и Штип. Тие се обединија, како што велат, за подобри услови во студентските домови, изземање на студентите од антикризните мерки, целосно спроведување на Законот за студентски оброк, изедначување на стипендиите, дигитализација и подигнување на квалитетот на образование.