Македонската делегација, предводена од премиерот Зоран Заев, а во која се и вицепремиерите Никола Димитров и Фатмир Битиќи, како и министерот за надворешни работи Бујар Османи, пристигна во Софија каде што земјава заедно со Бугарија претседава со Самитот за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес.
На фотографиите објавени од Владата може да се забележи дека тие биле пречекани од бугарскиот премиер Бојко Борисов и министерот за одбрана Красимир Каракачанов.
„Отвораме ново поглавје во развојот на регионот и за остварување на стандардите кои земјите од нашиот регион ги ставаат поблиску до членството во ЕУ. Денеска ќе имаме можност да дискутираме за клучните стратегиски насоки за нашиот регион, за визијата за заедничкиот регионален пазар и за зелената агенда за Западен Балкан. И во оваа прилика посебна благодарност упатуваме и до иницијаторот на Берлинскиот процес, канцеларката Меркел и на Германија, од кои континуирано добиваме силна поддршка за европската перспектива на Западен Балкан и на регионалната соработка“,
соопштија од македонската делегација.
Во Софија денеска се очекува да стане збор и за преговарачката рамка за земјава за која Бугарија веќе ја стави првата блокада, а која ќе биде тема на дневен ред на Советот за општи работи на ЕУ за една недела, на 17 ноември.