По интервенцијата на „ертракторите“ во селото Бељаковце, тие ќе бидат пренасочени кон селото Рилево каде што сè уште е активен пожарот кој започна од вчера, а денеска се шири
Три „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) го гаснат пожарот кој е активен кај кумановското село Бељаковце, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Во пожарот, како што велат од ЦУК, кој е активен од вчера попладне, целосно е изгорена една стара куќа чиј сопственик не живее во неа, туку ја користи повремено.
„Во пожарот, кој вчера започна во атарот на селото Бељаковце, кумановските пожарникари беа фокусирани на заштита на куќите на ова село од разбиен тип, кои се расфрлени на неколку рида. За жал, една стара куќа чиј сопственик не живее во неа, туку ја користи повремено, беше зафатена од пожарот и целосно изгоре. Поради заканата по други куќи, како и опасноста огнот да влезе во блиската борова шума, кон селото Бељаковце полетаа трите ’ертрактори’ на ДЗС“,
информираат од ЦУК.
Од ЦУК велат дека по интервенцијата на „ертракторите“ во селото Бељаковце тие ќе бидат пренасочени кон селото Рилево, кое се наоѓа во северниот дел на Прилепското Поле, во Општина Долнени, каде што сè уште е активен пожарот што започна од вчера.
„Пожарот во атарот на селото Кошино се движи кон селата Рилево, Сливје и Зрзе. Во текот на ноќта пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од Прилеп интервенираа и опасноста по куќите во селото Рилево беше надмината. За жал пожарот повторно покажува тенденција на ширење. Утрово се изврши хеликоптерско извидување. По завршувањето на мисијата во Бељаковце “ертракторите’ ќе се пренасочат кон Рилево“,
додаваат од ЦУК.
Денеска од ЦУК соопштија дека пет пожари на отворено и понатаму се активни на територијата на државата од вкупно 49, колку што биле регистрирани вчера и на кои интервенирале противпожарните екипи.
Преостанатите 44 пожари, кои вчера гореле на територијата на државата, се изгаснати.