Од Грција учествувале тимови за специјални операции со пловни средства, додека од земјава биле вклучени 12 припадници на силите за специјални операции
Силите за специјални операции на Северна Македонија и Грција одржале заедничка обука во областа Атика, во Грција, јави дописничката на МИА од Атина. Обуката била спроведена од 10 до 21 јули, а во неа биле вклучени операции на копно и во вода, борбено пливање и нуркање.
Како што соопштиле од генералштабот на грчката национална одбрана, заедничката обука била во рамките на нивниот план за меѓународни соработки. Од Грција учествувале тимови за специјални операции со пловни средства, додека од земјава биле вклучени 12 припадници на силите за специјални операции.
„Учеството на вооружените сили во конкретната заедничка обука е во рамките на имплементацијата на Програмата за воена соработка за 2023 година меѓу Грција и Република Северна Македонија и имаше за цел зајакнување на борбениот капацитет и оперативната готовност на учесниците“,
соопштиле од генералштабот на грчката национална одбрана.
Обуката, се наведува, се одржала во Центарот за обука на специјалните сили во Неа Перамос во западниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, како и во поморското подрачје во истиот дел.
Во продолжение можете да го погледнете видеото од обуката на силите на двете земји што го објави генералштабот на грчката национална одбрана.