Пендаровски ја свика првата седница на ова тело по предвремените парламентарни избори и конституирањето на десеттиот состав на парламентот и на новата влада на СДСМ и на ДУИ
Премиерот Зоран Заев и претседателот на парламентот, Талат Џафери, како и министрите за внатрешни, надворешни работи и за одбрана, Оливер Спасовски, Бујар Османи и Радмила Шекеринска, пристигнаа во претседателската резиденција на Водно, каде што попладнево почна седницата на Советот за безбедност, која ја свика претседателот Стево Пендаровски.
Ова е прва седница на Советот за безбедност по предвремените парламентарни избори и конституирањето на десеттиот состав на парламентот и на новата влада на СДСМ и на ДУИ. Нов член на Советот е Османи, кој во новата влада ја презема функцијата шеф на дипломатијата, наместо Никола Димитров, кој, пак, се премести како вицепремиер во Секретаријатот за европски прашања.
На состанокот, покрај постојаните членови, на покана на претседателот Пендаровски присуствуваат и директорите на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу, на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски и на Оперативно-техничката агенција Зоран Ангеловски, како и началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
По девет месеци „пауза“, Заев се враќа како премиер во Советот за безбедност, каде што останува и доскорешниот технички премиер Спасовски, но сега повторно како министер за внатрешни работи.
За разлика од другите членови на Владата кои се членови по функција на Советот за безбедност, а во изминатиот период менуваа функции, Шекеринска веќе 3,5 години е членка на ова тело како министерка за одбрана.