Се расчистува просторот околу Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби за полесно да се постави мобилната болница која ќе има капацитет од 130 легла.

Од фотографиите и видеата што ги направи „360 степени“ се гледа дека просторот околу Инфективната клиника е израмнет и се подготвува за мобилната болница, која денеска ја најави министерот за здравство Венко Филипче.

Видео и фотоматеријалот е направен во попладневните часови по најавата на министерот, и од самото место се забележува дека околу Инфективната клиника е мирно, таму се градежните машини и нема метеж ниту, пак, зголемена фреквенција на луѓе.

Машини има и на просторот меѓу амбулантата за неврологија и Гинеколошко-акушерската клиника.

Во рамките на градежните активности се прави уште една лента кај главниот влез на Клиничкиот центар за возила на Итната медицинска помош, како и нова улица пред Клиниката за инфективни болести.

Инаку, најавената мобилна болница со близу 130 кревети, како што рече Филипче, ќе биде поставена на почетокот на следната седмица. Со овие објекти, опремени со соодветни тоалети и суви ходници, според министерот, практично, ќе се удвојат капацитетите на Клиниката за инфективни болести.

„Сметаме дека е добро да се надополнат капацитетите таму каде што е експертизата. Развојот на ситуацијата со ширењето на коронавирусот не е нешто што може да се предвиди со голема прецизност. Сепак, во овој момент е добро што имаме линеарно зголемување на бројот на случаите, односно приближно ист број секој ден. Но, ние сме спремни да постапиме и во случај на експоненцијален раст. Здравствените работници се целосно мобилизирани и подготвени. Имаме и излекувани пациенти. Ние сме целосно во ситуација да се амортизира приемот на пациенти, терапијата е веќе аплицирана таму каде што е индицирана и колегите сосема добро и стручно се справуваат со ситуацијата“,
изјави Филипче.
Претходната недела беа урнати дел од бараките од студентскиот дом познат како “Медицинар”, кој се наоѓаше во кругот на Клиничкиот центар во Скопје. Уривањето беше со цел да се подобри пристапот до Инфективната клиника.