Кратко време откако беше нормализирано напојувањето со електрична енергија, снабдувањето повторно е во прекин во делови од Аеродром

Паднати дрвја, скршени гранки, паднати покриви, поплавени улици е сликата што може да се види попладнево во делови од општините Аеродром и Гази Баба.
Невремето, кое ги зафати источните делови од Скопје, траеше околу 20 минути и беше проследено со силен ветер, дожд и град.
На социјалните мрежи жителите веќе споделуваат видеа и фотографии од последиците што ги предизвика невремето.











Попладнево делови од Аеродром, Ново Лисиче и населбите Лисиче и Горно Лисиче околу 20 минути беа без електрична енергија, а не работеа ниту семафорите на дел од крстосниците.
Кратко време откако беше нормализирано напојувањето со електрична енергија, снабдувањето повторно е во прекин во делови од Аеродром.
Преходно, жители од Лисиче рекоа дека од ЕВН ги информирале оти станува збор за паднат 10-киловолтен далновод и оти не се знае колку време ќе трае прекинот во снабдувањето со струја.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информираат дека северно од Скопје има нестабилна воздушна маса која се движи кон југ-југозапад и е проследена со грмежи, врнежи од дожд и има услови за појава на град.
Наместа во Гази Баба има паднати гранки по коловозите, а на некои места е собрана вода, што го отежнува сообраќајот.