Брзата реакција на чуварската служба и на противпожарната бригада спречила огнот да се прошири, односно пожарот бил навремено изгаснат и сите документи, потенцираат од претпријатието, се сочувани
Непознат сторител ноќеска подметнал пожар во дирекцијата на Јавното претпријатие Паркови и зеленило, кој ги зафатил архивата, магацинот и просториите на Секторот за финансии на претпријатието.
Како што соопштија од Јавното претпријатие денеска попладне, брзата реакција на чуварската служба и на противпожарната бригада спречила огнот да се прошири, односно пожарот бил навремено изгаснат и сите документи, потенцираат од претпријатието, се сочувани.
„ЈП Паркови и зеленило ја информира јавноста дека ноќва околу 1 часот по полноќ избувна пожар во дирекцијата на претпријатието, поточно во делот на архивата, магацинот и просториите на Секторот за финансии. По брзата реакција на чуварската служба и брзата интервенција на противпожарната бригада пожарот е навремено изгаснат и не е причинета голема материјална штета, сите документи се сочувани, како и просториите на претпријатието. Веднаш на лице место излезе увидна екипа на МВР за утврдување на причините за пожарот“,
се наведува во соопштението од ЈП Паркови и зеленило.
Дека пожарот е подметнат, недвосмислено покажуваат снимките од безбедносните камери на претпријатието.
Од снимката од безбедносните камери објавена од порталот „Инфомакс“, а која во соопштението ја сподели и ЈП Паркови и зеленило, може да се забележи како непознато лице се приближува до објектот и најверојатно истура некаква течност на дел од фасадата. Потоа се оддалечува од местото, но по десетина секунди повторно се враќа и во тој момент се гледа како избувнува пламенот.
„ЈП Паркови и зеленило најостро го осудува овој чин на намерно опожарување на просториите на претпријатието и активно ќе соработува со надлежните органи во собирањето на докази за расчистување на случајот, изнаоѓање на сторителите и нивно изнесување пред лицето на правдата“,
се додава во соопшптението од претпријатието.