Претседателот на Србија, Александар Вучиќ на вечерашниот собир во Белград рече дека меѓу оние до кои се упатени барањата се вклучува и себеси. Порача дека секој ден ќе се бори, со демократски и мирни средства, додека не се исполнат барањата велејќи – „нема да се откажеме додека секое од овие барања не биде целосно исполнето“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ на вечерашниот собир што се одржа во Белград, упати пет барања до надлежните органи и институции во државата.
Во својот говор тој рече дека нема да се откаже од нив додека не се исполнат. Според него, барањата се упатени пред сè до надлежните обвинителства за да поведат соодветни постапки во рамките на нивните уставни и законски надлежности и да ги преземат сите други мерки пропишани со закон со цел воспоставување мир и ред во државата.

„Прво, конкретно бараме да се воспостави целосно почитување на Уставот и законот, да се обезбеди безбедноста на Република Србија и нејзините граѓани, а институциите што беа киднапирани да им се вратат на граѓаните како носители на националниот суверенитет, вклучително и јавниот медиумски сервис на Србија, кој е еден од клучните учесници во обоената револуција.
Второ, да се утврди правната одговорност на сите лица кои учествувале во вандализам и напади врз граѓани за време на нивните мирни собири во Србија, а особено да се идентификуваат и казнат сторителите, поттикнувачите и помошниците на нападите врз мирно собраните граѓани во Ниш на 21 март 2025 година.
Трето, да му се овозможи на секој ученик и студент да се образува и да учи ако сака.
Четврто, да се откријат сторителите, поттикнувачите и помошниците во извршувањето на активности кои вклучуваат напади врз виталните државни институции и објекти и да се спречат такви активности во иднина.
Петто, да се спречи каква било активност која самоволно и незаконски ја парализира економската активност и ги спречува граѓаните да ги извршуваат секојдневните активности на нормален начин, во согласност со јавниот поредок во кој секој може да смета на државата за заштита на нивните витални интереси во едно демократско општество“,
рече Вучиќ.
Вучиќ рече дека меѓу оние до кои се упатени барањата се вкучува и себеси. Порача дека секој ден ќе се бори, со демократски и мирни средства, додека не се исполнат барањата велејќи – „нема да се откажеме додека секое од овие барања не биде целосно исполнето.“
Собирот беше насловен „Не ја даваме Србија“ и се одржа пред зградата на парламентот во Белград. Меѓу поводите за собирот е основањето на „сенародно движење“, кое веќе подолго време го најавува претседателот Вучиќ.

„Ни треба нова енергија и сила. Имаме многу прекрасни луѓе во сите партии. Но, ни треба нов план и затоа има движење, затоа тргнавме со образовани луѓе да изградиме движење, но движење на народот. Секој работник, земјоделец, домаќинка, чесен човек кој се бори за својата земја е добредојден. Затоа сте сите добредојдени“,
порача Вучиќ.