За време на посетата, образованиот кадар во ООУ „Единство“ во Гостивар го информирал претседателот Пендаровски дека ова училиште го посетуваат седум деца со попречености, кои покрај редовната настава, имаат можност за приспособени и индивидуални часови со стручен кадар, односно со дефектолог и психолог
Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска го посети ОOУ„Единство“ во Гостивар, каде беше запознаен со условите и начините на кои се одвива инклузивното образование во училиштето, соопштија попладнево од неговиот кабинет.
За време на посетата, образованиот кадар го информирал претседателот Пендаровски дека ова училиште го посетуваат седум деца со попречености, кои покрај редовната настава, имаат можност за приспособени и индивидуални часови со стручен кадар, односно со дефектолог и психолог.
Воедно, било посочено дека децата имаат можност да ја користат и новоадаптираната училница која е опремена со потребни реквизити, дидактички материјали и средства и дека се веќе обезбедени образовни асистенти кои работат со две од децата.
„Претседателот Пендаровски ги поздрави преземените чекори во училиштето и изрази очекување дека новосоздадените услови ќе придонесат во развојот на вештини и способности кај децата со различен развоен процес со што ќе се поттикне нивната образовна инклузија. Во таа насока, претседателот Пендаровски уште еднаш ја потенцираше важноста од сензибилизирање на јавноста по овие прашања и посочи дека треба да се преземат заеднички напори и во сите останати училишта во земјава, со цел обезбедување на еднаков пристап и прифаќање на децата со атипичен развој во редовното образование“,
се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот.
Инаку, станува збор за втора посета на претседателот Пендаровски на ООУ „ Единство“ во Гостивар, откако во февруари годинава беше запознаен со предизвиците со кои се соочува семејството на ученичката со атипичен развој Ембла Адеми во процесот на образование и можностите за нивно надминување.
Денеска, во рамки на посетата на училиштето претседателот Пендаровски остварил средба со родителите на Ембла, кои му се заблагодарија за севкупната негова поддршка и во знак на благодарност му подарија заедничка фотографија со Ембла од претходната посета.
Случајот со 11-годишната ученичка со посебни потреби Ембла Адеми го предизвика вниманието на јавноста на почетокот на оваа година откако по петиција од родителите на нејзините соученици беше преместена од одделението во несоодветна просторија.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација отвори постапка за случајот. На почетокот на мај од Комисијата соопштија дека најтежок случај на дискриминација во земјава во периодот на првиот квартал е случајот со Ембла Адеми.