За случајот со девојчето од Гостивар, велат од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Комисијата постапи по службена должност и утврди продолжена дискриминација, исклучување и сегрегација. Иако ова беше потежок облик на дискриминација, посочуваат оттаму, по укажувањето и препораките на Комисијата, ова е еден од ретките случаи во кои имаме добиено сеопфатен одговор кој значи постапување по сите препораки
Најтежок случај на дискриминација во земјава во периодот од првиот квартал годинава е случајот со 11-годишната ученичка со посебни потреби Ембла Адеми од Гостивар која по петиција на родителите на нејзините соученици беше преместена од одделението во несоодветна просторија, соопшти денеска Комисијата за спречување и заштита на дискриминација (КСЗД).
За случајот со девојчето од Гостивар, велат од КСЗД, Комисијата постапи по службена должност и утврди продолжена дискриминација, исклучување и сегрегација. Иако ова беше потежок облик на дискриминација, посочуваат од КСЗД, по укажувањето и препораките на Комисијата, ова е еден од ретките случаи во кои имаме добиено сеопфатен одговор кој значи постапување по сите препораки.
„Дел од нив беа веднаш исполнети од училиштето – како на пример враќање на девојчето во одделението, правење посебна програма за нејзините потреби и извинување на родителите. Училиштето нѐ информираше дека во соработка со регионалните ресурсни центри ќе обезбеди посебна просторија која ќе има асистивна технологија и дека во соработка со училиштето ‘Златан Стремец’ е во постапка на изготвување програма за сензибилизација на вработените во училиштето и на родителите“,
посочи Игор Јадровски, член на КСЗД, кој додаде дека овој случај со позитивна завршница најдобро покажува како сеопфатното дејствување може да се направи промена.
За потсетување, Ембла Адеми, 11-годишното девојче првиот ден од второто полугодие годинава не го почна во нејзиното одделение во ОУ „Башкими“ во Гостивар поради бојкот на родителите на учениците од паралелката бидејќи таа има Даунов синдром.
Родителите на нејзините соученици покренаа петиција во која напишале дека одлуката да не ги пуштаат своите деца на настава ја донеле поради попречување на наставата од страна на ученичката Ембла Адеми и поради агресивност.