Фотографии и видеа од поплавените улици во Кавадарци вечерва на социјалните мрежи објави и градоначалникот Митко Јанчев, кој ги повика сите граѓани кои имаат проблем од невремето да се јават во кол центарот на општината
Силно невреме со обилни врнежи од дожд вечерва го зафати Кавадарци, при што од невремето биле поплавени подруми од куќи и повеќе улици, информираа од Центарот за управување со кризи.
Оттаму велат дека на терен веднаш излегле екипи и се работи на испумпување на водата од поплавените подруми.
„Вечерва подрачјето на Кавадарци го зафати невреме проследено со обилни врнежи на дожд. Од невремето поплавени се десетина подруми од куќи, како и средишниот дел од главната ул.7-ми Септември на која во моментот 3 екипи со механизација работат на расчистување, а за испумпување на водата од поплавените подруми на терен се екипи од пожарната од Кавадарци со 2 пумпи и екипа од Комуналец од Кавадарци со две пумпи“,
информираат од ЦУК.
Фотографии и видеа од поплавените улици во Кавадарци вечерва на социјалните мрежи објави и градоначалникот Митко Јанчев, кој ги повика сите граѓани кои имаат проблем од невремето да се јават во кол центарот на општината.
Понатаму, тој извести и дека интензивно се работи на перење и чистење на сите сливници на улиците ширум градот, потенцирајќи дека службите од ЈП Комуналец и ТППЕ Кавадарци се на терен.