Она што е карактеристично, вели тој, е зголемениот број мечки на планината и најави средби со раководството на Националниот парк „Шар Планина“ на кои ќе се бара решение за превенирање на слични инциденти додавајќи дека сепак планината е природната средина на овие животни
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, попладнево преку видеоизјава од Шар Планина соопшти детали за инцидентот што се случил неколку часа претходно, кога мечка нападна дански турист додека со поголема група скијал надвор од вообичаените скијачки патеки на Попова Шапка.
Според Ангелов, мечката го нападнала туристот бидејќи додека одморал со групата се нашле во близина на две мали мечиња. Исплашена за нив, вели директорот на ЦУК, мечката скокнала од дрвјата во близина и го гризнала туристот за ногата, а потоа побегнала.
Настанот се случил денеска претпладне во 10:45 часот над Попова Шапка, на северната страна на Цирепашина, кај местото викано Јелак, каде што данскиот турист заедно со 10-члена група уживал во слободен стила скијање надвор од патеките на ски-центарот „Попова Шапка“.
„Утрово оваа група со ратраци била пренесена до околните врвови од каде што го започнала скијањето. На едно место под неколку елки групата застанала да одмори, но во нивна близина се нашле две мали мечиња и веднаш потоа излегла мечка која исплашена за своите мечиња нападнала еден од туристите гризнувајќи го за едната нога. Веднаш потоа мечката побегнала“,
вели Ангелов.
Повредениот турист по инцидентот бил качен на ратрак и однесен до Попова Шапка од каде што го презела екипа на тетовската Итна медицинска помош. Потоа бил префрлен во една од болниците во градот под Шара, каде што му била исчистена и санирана повредата.
Центарот за управување со кризи објави фотографија од туристот со санираните повреди на левата нога. Од фотографијата се гледа дека тој има поголема преврска веднаш под левото колено и една помала на бутот.
„Сè уште немам информации за каква рана се работи, но најверојатно не станува збор за некаква тешка повреда бидејќи веднаш по преврската на раната туристот ја напуштил болницата“,
рече Ангелов.
Она што карактеристично, вели тој, е зголемениот број мечки на планината и најави средби со раководството на Националниот парк „Шар Планина“ на кои ќе се бара решение за превенирање слични инциденти додавајќи дека сепак планината е природната средина на овие животни.
„Карактеристично е тоа што последната година имаме повеќе пријави за зголемен број мечки на Шар Планина, особено околу овој дел на Попова Шапка. Од тие причини Центарот за управување со кризи ќе иницира неколку работни средби со раководството на Националниот парк ‘Шар Планина’ за да изнајдеме решение со кое опасноста или ризикот по граѓаните, кои овде планинарат или доаѓаат од какви било други причини, од средби со мечки би ги свеле на минимум бидејќи сепак се работи за територија во која мечките природно припаѓаат“,
вели Ангелов.