Патничката која пристигнала со лет од Загреб, на царинските службеници им рекла дека нема ништо за пријавување, но по извршената извршената рендген-контрола и преглед на нејзиниот багаж, царинските службеници откриле 23 парчиња накит „сваровски“
Царинските службеници на граничниот премин на Меѓународниот аеродром „Скопје“ заплениле накит „сваровски“ вреден 333 000 денари или околу 5 400 евра, кој бил откриен при детална контрола на патничка која се пријавила за влез во државата.

Како што соопштија од Царинската управа, непријавениот накит бил откриен кај македонска државјанка, која на скопскиот аеродром пристигнала со лет од Загреб.
„При влез во државата со намера да избегне плаќање увозни давачки, се упатила на зелениот наместо на црвениот канал. Патничката е селектирана за контрола од страна на царинските службеници, пред кои изјавила дека нема ништо за пријавување“,
се вели во соопштението од Царина.
Сепак, по извршената рендген-контрола и преглед на нејзиниот багаж, царинските службеници откриле 23 парчиња накит „сваровски“.
Од Царината информираат дека случајот е предаден на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, кое поднело кривична пријава за сторено кривично дело криумчарење.
