Пожарот во полињата и шумата кои попладнево на периоди беше сериозна закана за селото Ѓавато е локализиран, тврдат жители со кои разговараше „360 степени“. Оган се уште има, велат, но тоа се помали пламени кои згаснуваат. Тврдат и дека не е толку бучен звукот на горење кој доаѓа од зад ридот.

„Има на уште неколку места мали пламени, но куќите на нашиот рид не се повеќе загрозени. Бидејќи селото е распространето на повеќе ридови, не знаеме како е на другите места. Но, бидејќи е темно, не се гледаат веќе големи пламени јазици како дента“,
вели Марјан Динов, жител на село Ѓавато.




Освен куќите, како што може да се види од фотографиите, загрозена била и црквата во селото. Таму реагирале пожарникари со три возила и црквата била спасена. Кај куќата на семејството на Динов, помагале дојрански пожарникари.
„Нашиот рид се спаси благодарение на тимот од Нов Дојран, доброволно противпожарно друштво „Нов Дојран“. Голема благодарност до нив“,
изјави Динов.
Центарот за управување со кризи јави за пожарот околу 17 часот, дека оганот почнал во поле околу 13 часот и 30 минути пред да ја зафати околната шума. Според ЦУК, први интервенирале единици од Гевгелија, вработени во општина Богданци и мештаните.
„Пожарот, заради метеоролошките услови со ветер и теренските услови – непристапност и густа вегетација, се проширил во обем за загрозување на пумната станица за вода Ѓавато за Дојранско Езеро и просторот под големите ветерници во таа околина, како и селото Ѓавато“
соопштија од ЦУК во текот на денот.
Сериозноста на ситуацијата стана појасна кога мештаните и нивни блиски почнаа да објавуваат фотографии и видеа на социјалните мрежи на кои можеше да се види како оганот е на неколку десетици метри до првите куќи во селото. Екипите на терен сепак успеаја да спречат поголема трагедија, особено што поради ветрот и настапувањето на ноќта, не можеше да се активира и хеликоптер.