Тој по излегувањето од реката Вардар беше даруван од архиепископот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија г.г. Стефан, од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и од повеќе спонзори на манифестацијата
На централната манифестација од одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление – Водици, најсреќен меѓу многубројните верници кои денеска скокнаа по Чесниот крст во реката Вардар беше Кристијан Нинески.

Нинески, кој досега осум пати учествувал на манифестацијата, по трет пат го фаќа осветениот крст.
Тој, по излегувањето од реката Вардар беше даруван од архиепископот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија г.г. Стефан, од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и од повеќе спонзори на манифестацијата.
„Сите да сте живи и здрави“, посака Нинески по фаќањето на крстот.
Архиепископот Стефан осветениот крст во водите на рекатат Вардар го положи од мостот „Слобода“. На Кејот на Вардар беа присутни голем број граѓани и верници кои ја следеа церемонијата на осветувањето на водите на реката, а дел од нив наполнија вода од реката за која се верува дека по чинот на осветување е лековита.





Како што беше најавено, околу 130 верници беа пријавени за скокање по крстот во реката Вардар,
Претходно, на другата централна манифестација по повод празникот во Охрид, крстот од езерските води го фати Васко Довлев од Варош.
Со чинот на осветувањето на водите на Охридското езеро и со црковната процесија чиноначалствуваше, митрополитот Дебарско – кичевски и Плаошки г. Тимотеј.
Православните верници денеска го слават празникот Богојавление, а централните манифестации, традиоционално ќе се одржат во Скопје и Охрид со осветување на водите на реката Вардар и Охридското езеро со положување на крстот во нив.
Празникот се одбележува од вториот век, а уште се нарекува и Водици поради големиот водосвет што го врши црквата на овој ден. Според христијанското предание, на овој ден се одбележува крштевањето на Исус Христос од страна на Свети Јован Кристител во реката Јордан.
Од МПЦ-ОА – Скопска епархија, посочија дека Богојавление е голем празник во православната црква. Верниците се поздравуваат со поздравот „Бог се јави – Навистина се јави“.
Празникот Богојавление-Водици се одбележува и во другите епархии на МПЦ-ОА, како и во помесните православни цркви низ светот кои се водат според Јулијанскиот календар.
На овој ден во реките се положува светиот крст, а оној кој ќе го фати, се верува дека ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.