Ковачевски посочи и дека се работи за голема и сеопфатна акција на МВР на Албанија, во која се открил голем канал на крадење, шверцување и уништување на едно историско културно наследство
За прв пат во нашата држава, успешно заврши реституција на културно наследство, 20 наши икони репрезент на она што се творело на крајот од 18-ти и во 19-ти век, после една деценија се вратени дома, рече вечерва премиерот Димитар Ковачевски, кој присуствуваше на настан по повод враќање на незаконски изнесени икони од Северна Македонија.
На настанот во Музејот на Р С Македонија присуствуваа високи владини претставници, како и високи црковни великодостојници, а беа претставени 20 македонски икони вратени од Албанија.
„Овие ремек дела за Северна Макединија се дел од идентитеските одредници и наше богатото културно наследство. Иконите се меѓу најделикатните и највеличествените богатства во светот, овие икони кои вечерва ги видов може да се споредат со сликите на најголемите светски мајстори на ликовната уметност,
рече тој.





Според него, Владата создала модел за демократија, дипломатија со што воспоставиле одлични добрососедски односи.
„Со дијалог, компромис,взаемно почитување и најтешките предизвици може да се надминат и да отворат нови можности за соработка. Вечерва сведочиме за една таква соработка со нашиот сосед Албанија, иконите украдени во 2013 та година, успеавме да ги вратиме дома“,
изјави премиерот.
Ковачевски посочи и дека се работи за голема и сеопфатна акција на МВР на Албанија, во која се открил голем канал на крадење, шверцување и уништување на едно историско културно наследство.
„Оттука мора да изразам благодарност и до МВР на Албанија, посебно до премиерот Рама, кој откако се откри што има фатено полицијата на Албанија, веднаш кажа дека штом се завршат процедурите од страна на министерствата, ќе биде вратено во нашата држава“,
вели Ковачевски.
Според него, идентификувани се уште икони кои се во текот на изминатите децении се украдени од Македонија и во моментов се работи на соодветни анализи кои ги прават стручните лица и во текот на наредниот период повторно ќе биде спроведена постапка за нивно враќање во нашата држава.
„Огромна благодарност и за колегите од Албанија за синхронизацијата со македонските институции за враќање на иконите во Северна Македонија. Голема благодарност до сите, честитки уште еднаш за оние кои работеа на овој долг и макотрпен процес којшто беше започнат во 2018 година, но интензитетот го доби во 2020 година и во последните две години беа направени сите формалност, но и физички активности во Албанија и сакам да им честитам на сите кои учествуваат. А на нашите верници и сите оние кои доаѓаат во нашата држава да им овозможиме да го видат ова големо, светско културно историско наследство“,
заклучи премиерот.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вечерва од Тирана пристигна во Музејот на Северна Македонија заедно со конвојот во кој доаѓаа иконите.
„Заврши децениското патешествие на дваесет македонски икони. Ги вративме дома“,
изјави министерката Костадиновска Стојчевска.
Додаде дека враќањето на овој дел од она што е украдено од нашето непроценливо големо културно богатство, е историски момент бидејќи за прв пат во регионот се случува да биде вратено украдено заштитено културно добро.
Министерката за култура посочи дека долго ќе го памети овој ден, ден во кој имаше чест да бидe дел од луѓето кои го вратија дома она што ни беше украдено, а кое, како што вели таа ,,е наше заштитено бесценето културно добро, кое постојано треба да нѐ потсетува дека мора да сме будни кога го чуваме доброто од лошото“.
„Охрабрена од овој исклучителен гест на пријателска Република Албанија, верувам дека успешно ќе се одвива и просецот на враќање на уште 37 идентификувани икони украдени од македонските цркви и манастири во периодот 2008 – 2013 година. Тоа беа години во кои многу често слушавме за обивање и ограбување на наши светилишта во југозападниот дел од државава, од Ресен до Радожда“,
рече министерката за култура.