Тешка вечера помина селото Ѓавато, во општина Богданци на југот на земјава, во чија околина вчера попладне се распламти пожар, велат мештаните. Жители на селото, со кои „360 степени“ е во комуникација од синоќа, велат дека поминале страшна вечер и дека за среќа изгорела само една штала.
Во видеото подолу може да се види колку блиску дошол пожарот до првите куќи и колку била силна стихијата.
„Во текот на ноќта беше многу страшно. Шест куќи и црквата беа во голема опасност. Има изгорено една штала. Имаше екипи на терен од Неготино, Кавадарци, Валандово, Гевгелија и Дојран“,
вели Марјан Динов, жител на село Ѓавато.
Утринава од околу 6 часот на терен е хеликоптер, велат мештаните.
Пожарот започна вчера околу 13:30 часот, но подоцна попладнето се доближи до црквата и на некои места до првите куќи од селото. Од Центарот за управување со кризи објавија дека се загрозени и ветерници во околината, како и препумпната станица со која со вода се полни Дојранското езеро. Надлежните не испратија хеликоптер вчера поради временските услови и периодот од денот (хеликоптерите не можат да гасат пожари навечер). Пред стемнување, пожарот привремено беше ставен под контрола од мештани, пожарникари и доброволци од околните општини.
Пред полоќ, огнот повторно зеде замав и го доведе во опасност локалното население. Последните информации од Центарот за управување со кризи од синоќа беа дека огнот е „контролирано пресечен“ на околу 150 метри од првите куќи и дека цела вечер ќе се дежура.