Градоначалникот Александар Китански за „360 степени“ вели дека пожарот кај Пехчево e толку силен што не верува дека наскоро може да биде ставен под контрола. Но, денеска таму дејствуваат два хеликоптера што, според него, дава позитивни резултати
Состојбата на терен е повеќе од алармантна, вели за „360 степени“ градоначалникот на Општина Пехчево, Александар Китански, опишувајќи го шумскиот пожар што од вчера беснее во близина на градот.
Според него, ова е многу полош пожар од оној што гореше до пред неколку дена.
„Сега е полошо. На терен гори високостеблеста борова шума од која се издигаат високи пламени јазици. Теренот е многу непристапен, не можат да се движат ниту возила ниту луѓе. Дува силен ветер поволен за разгорување на огнот“,
вели Китански.
Градоначалникот смета дека на таков терен може да се дејствува единствено од воздух.
„Само поддршка од воздух е потребна за да се скроти огнот, луѓе не смеат да се пуштат за да не се случи катастрофа. Од 7 часот денеска наутро дејствуваат два хеликоптера и има позитивни резултати“,
додава тој.
Според Китански, засега не се загрозени објекти или населени места.
„Сите луѓе ни се на терен. Помагаат многу доброволни друштва и месното население. Тука се припадници на ТППЕ од Берово, Кавадарци, Кочани и Виница. Имаме поддршка од сите подружници на ’Национални шуми’“,
вели градоначалникот.
За противпожарното возило што вчера изгоре во овој пожар, Китански вели дека е сопственост на Општината, но отстапено на користење на локалното доброволно противпожарно друштво.
Повеќе информации за настанот на Фејсбук објавија од ЈП „Национални шуми“.
„Противпожарно возило во сопственост на Општина Пехчево, а управувано од доброволно противпожарно друштво од Пехчево, е во потполност изгорено во пожарот. Четирите лица кои се наоѓаа во возилото се извлечени и спасени од вработените на подружницата од Пехчево“,
велат од „Национални шуми“.
Видео од изгореното возило на Фејсбук објави Кире Михаилов, заменик-генерален директор на „Национални шуми“.
„Еве ја вистинската слика за тоа што оставаат пламените јазици онаму каде што ќе поминат. Ова е видео од противпожарното возило со кое денеска храбрите пожарникари се обиделе да му се спротивстават на новиот пожар над Пехчево. Среќа во несреќа е тоа што нема човечки жртви и учесниците во гаснењето поминале со помали изгореници“,
пишува во објавата на Михаилов.
Според пехчевскиот градоначалник Китански, пожарот избувнал вчера околу 13:30 часот, а причините сè уште не се знаат. Додава дека на терен има инспектори на МВР кои вршат увид.
На крајот од телефонскиот разговор за „360 степени“, Китански рече дека пожарот е многу силен и дека тешко ќе успеат наскоро да го стават под контрола.