Како што се гледа на фотографиите и видеата поставени на социјалните мрежи, предниот дел на автомобилот е целосно уништен, а според коментарите на очевидците на местото на несреќата и предниот дел на автобусот бил набиен од ударот
Едно лице загина, а повеќе од 30 патници се повредени во сообраќајка меѓу автомобил и патнички автобус, која рано утрово се случила на патот кој води од Младеновац кон Мали Пожаревац, во околината на Белград, јавува РТС.
Според информациите на српските медиуми, при ударот загинал возачот на автомобилот, а повеќе од 30 лица се пренесени во најблиските болници. Првичните информации велат дека поголем број од повредените имаат полесни телесни повреди.

Како што се гледа на фотографиите и видеата поставени на социјалните мрежи, предниот дел на автомобилот е целосно уништен, а според коментарите на очевидците на местото на несреќата и предниот дел на автобусот бил набиен од ударот.

На местото на настанот пристигнале три екипи на Брза помош од Младеновац.
Од „Патишта на Србија“ соопштиле дека поради несреќата сообраќајот на патниот правец Мали Пожаревац – Влашко Поље, кај градот Сенаја, се одвива со наизменично пропуштање на возилата.
Српскиот министер за здравство Златибор Лончар изјавил дека во болниците се примени над 30 лица, а од нив четворица биле со потешки телесни повреди.
„Во моментот се прави дијагностика. Четворица патници сигурно ќе бидат хоспитализирани, а за другите подоцна ќе одлучиме“,
вели министерот за здравство.

Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ посочил дека добил информација дека дошло до сообраќајна незгода во околината на Белград, но сè уште не се знае причината за несреќата.
Според жителите на Мали Пожаревац, во овој дел на патот, каде што утрово се случила несреќата, многу често се случува да се вози со брзина над дозволената.