Екипите на италијанската крајбрежна стража успеале да спасат 15 лица од 56-метарскиот луксузен брод, наречен „Бајсијан“, меѓу кои и едногодишно дете
Пронајдено е мртвото тело на едно лице, а уште шест се водат како исчезнати откако денеска рано наутро потона јахта во близина на брегот на Сицилија, соопшти италијанската противпожарна и спасувачка служба, пренесуваат британски медиуми.
Според „Гардијан“, спасувачите сè уште трагаат под четворица Британци, двајца Американци и еден Канаѓанец кои биле на јахтата за чие потонување како причина се наведуваат лошите временски услови што го зафатиле тој дел од Медитеранот.
Екипите на италијанската крајбрежна стража успеале да спасат 15 лица од 56-метарскиот луксузен брод, наречен „Бајсијан“, меѓу кои и едногодишно дете.
„Утринава околу 5 часот, по силна бура, 56-метарската јахта наречена ‘Бајсијан’, која пловеше под британско знаме, потона во близина на Портчело. Бродот има екипаж од 10 луѓе и 12 патници“,
се вели во соопштението на италијанската крајбрежна стража.
Според портпаролот на италијанската противпожарна и спасувачка служба, Лука Кари, едно безживотно тело е пронајдено во близина на бродот, а преостанатите шест лица и понатаму се водат како исчезнати.
Од Канцеларијата за надворешни работи, комонвелт и развој на Обединетото Кралство соопштија дека се во контакт со локалните власти по инцидентот на Сицилија и оти се подготвени да обезбедат конзуларна поддршка за погодените британски државјани.
Нуркачки екипи, како што објавија британските медиуми, се обидуваат да стигнат до трупот на бродот кој потонал на длабочина од околу 49 метри.
Според информациите, веќе е отворена истрага за случајот од страна на надлежното јавно обвинителство во гратчето Термини Имерезе во близина на Палермо.
Осуммина од спасените, меѓу кои и едногодишното дете, се префрлени во локалните болници, а според британски медиуми, сите се во стабилна состојба.
Лекарите од болницата „Ди Кристина“ во Палермо изјавиле дека мајката на детето со сета сила ја држела ќерка си над површината на водата за да не се удави.
„Сè беше темно. Во водата не можев да ги држам очите отворени. Врескав за помош, но сè што можев да слушнам околу мене беа вресоците на другите“,
им раскажала на лекарите жената, инаку британска државјанка по име Шарлот.
Според крајбрежната стража, јахтата била произведена од италијанскиот бродоградилиште „Перини“ во 2008 година. Луксузниот брод имал алуминиумски труп, можел да достигне максимална брзина од 15 јазли и да превезува 12 патници со екипаж од 10 луѓе.
Бродот го испловил од сицилијанското пристаниште Мивацо на 14 август и според апликацијата за следење „Веселфајндер“ (Vesselfinder) последен пат било забележано источно од Палермо со навигациски статус „на сидро“.
Во извештаите на локалните медиуми се наведува дека бродот налетал на т.н. морска пијавица. Станува збор за феномен кој наликува на мини-торнадо, кој како столб се спушта од облак и притоа формира мешавина од ветер и вода над водната површина.
Рибари пријавиле дека околу 4 часот забележале мало торнадо во близина на брегот на Сицилија, а потоа и сигнална ракета, наводно истрелана од бродот. Кога се приближиле, според нивните кажувања, виделе остатоци од јахтата како лебдат на површината на водата.
Инаку, по неколкунеделните високи температури, Италија во последните денови е зафатена од невремиња и обилни врнежи од дожд, кои предизвикуваат поплави и лизгање на земјиштето, особено на северот на земјата.