Од фотографиите може да се види дека се оштетени неколку прозорци и врати, а бојадисани се и ѕидовите на објекот
Вандализирана е новата сѐ уште неотворена детска градинка во скопската населба Бутел, информира градоначалникот на Општината, Дарко Костовски.

На својот фејсбук-профил градоначалникот објави фотографии од оштетената детска градинка, за која рече дека треба да биде отворена во септември.
Од фотографиите може да се види дека се оштетени неколку прозорци и врати, а бојадисани се и ѕидовите на објектот.
„Министерството за внатрешни работи (МВР) веќе има лоцирано осомничени лица. За многу скоро очекувам остра и брза акција. Одговорност и кривични пријави согласно закон“,
пишува Костовски.
Според него, во општината изминатиот период се градат две нови детски градинки, нешто што, додава, не се случило никогаш за толку краток период.
„Искрено се надевам дека зад овој случај нема политика. Особено е осетливо што станува збор за детска градинка, каде што треба да бидат згрижени нашите најмили. Апелирам да не уништуваме, туку напротив да го чуваме она што се гради со заеднички пари“,
вели градоначалникот на Општина Бутел.




