„360 степени“ вчера и денеска беше во обиколка на некои од поголемите маркети во Скопје со цел да направиме споредба на цените на основните производи пред и по владината одлука. Она што можеше да се забележи е дека маркетите ги имаат намалено цените на повеќе производи од списокот
Повеќе од 24 категории производи од утринава се продаваат по пониска цена за 10 отсто од таа што ја имале на 1 август годинава. Оваа одлука Владата вчера ја донесе на седница и го утврди списокот на производи кои од денеска треба да се продаваат по намалена, гарантирана цена, и тие не ќе смеат да поскапат до 30 ноември. Станува збор за 24 категории и над 50 производи од пекарската, месната, млечната и кондиторската индустрија, кои во маркетите треба да се продаваат со ознака „гарантирана цена“.
„360 степени“ вчера и денеска беше во обиколка на некои од поголемите маркети во Скопје со цел да направиме споредба на цените на основните производи пред и по владината одлука. Она што можеше да се забележи е дека маркетите ги имаат намалено цените на повеќе производи од списокот. Забележливо беше како вработените со испечатени етикети утрово ги менуваа цените. Во дел од маркетите, покрај намалената цена, беше ставена и ознаката „гарантирана цена“, а во други, иако цените беа намалени, оваа етикета сè уште ја немаше.
Во продолжение погледнете ја фотогалеријата која „360 степени“ ја направи при обиколката во маркетите.
Во првиот поголем синџир на маркети што го посетивме цената на лебот од вчера до денеска е намалена за четири денари. До вчера белиот леб таму се продаваше за 33 денари, а денеска се продава за 29 денари.
Во друг синџир на маркети забележавме разлика и кај цената на млекото. Вчерашната цена од 93 денари, денеска е намалена на 71 денар.
Освен кај млекото, во овој синџир на маркети забележавме намалување и на цената на кравјото кисело млеко и на мешаното сирење. Кравјото кисело млеко вчера се продаваше за 36 денари, а денеска за 29 денари. Мешаното сирење во пластична кутија вчера чинеше 547 денари, а денеска неговата цена беше 461 денар.
Намалување на цената имаше и кај белото пченично брашно. Тоа вчера во маркет чинеше 40 денари, а утринава се продаваше за 36 денари.
На списокот на производи со намалени цени, кои ги објави Владата, беа и јајцата од кокошка. Во маркет што го посетивме вчера и денеска и кај јајцата имаше намалување на цената. Вчера пакување од 10 јајца се продаваше по цена од 113 денари, а денеска за 101 денар.
Разлика имаше и кај цените на тестенините. На рафтовите во маркет вчера пакетче макарони чинеше 65 денари, а денеска таа изнесуваше 44 денари. Во друг синџир на маркети вчерашната цена беше 72 денари, а денешната 65 денари и покрај производот имаше залепено ознака „гарантирана цена“.
Освен овие производи, на списокот што вчера го усвои Владата се и ориз, бисквити, јунешко и свинско месо, пиле, пилешки стек, чаен колбас, пилешка посебна салама, паштета, како и свежо овошје и зеленчук.
Очекувањата се дека владината мерка за ограничување на цените на дваесетината категории прехранбени производи, која ќе биде во сила до 30 ноември, ќе ја намали целокупната инфлација во делот на храната за четири до пет отсто до крајот на ноември.
Министерот за економија Крешник Бектеши вчера најави дека списокот со поевтини основни прехранбени производи од идната недела ќе биде дополнет со оние за хигиена, како и одредени кондиторски производи кои повеќе се трошат.
Според министерот, вчера до него се јавувале производители на минерална вода, пиво и сокови, како и трговци од големи маркети кои доброволно сакаат да се вклучат во мерката за намалување на цените која засега важи само за основните прехранбени производи.