Опфатените со истрагата се соочуваат со обвиненија за кривично дело тешки дела против животната средина и природата, предизвикани со дејства на загадување на водата за пиење

Вршителката на должност директорка на ЈП „Комуналец“-Гостивар, Артана Асани, техничкиот раководител Леон Мезини и раководителот на Одделението за водовод, Вадедин Даути, денеска беа изведени пред судија на претходна постапка во Основниот суд Гостивар.
Опфатените со истрагата се соочуваат со обвиненија за кривично дело тешки дела против животната средина и природата, предизвикани со дејства на загадување на водата за пиење.
Според вчерашното соопштение од Основното јавно обвинителство, тројцата осомничени како соизвршители на 25 јуни наложиле поставување три потопни пумпи во канал со површинска вода во близина на преливната комора на системот за водоснабдување, со цел да го тестираат притисокот на водата.
При увидот извршен на 16 јули, инспекторите утврдиле дека две од пумпите сè уште биле во функција и преку нив активно се пренесувала вода со штетни материи директно во системот за пивка вода.
Анализите на Институтот за јавно здравје потврдија дека водата од површинскиот канал била многу загадена и неупотреблива за каква било намена. Дополнително, анализиран примерок од чешма на улицата ЈНА во Гостивар, покажал дека во водата има високо присуство на хлор.
За мерките што ќе им бидат определени на осомничените ќе одлучи судијата на претходна постапка.
Од Основното јавно обвинителство Гостивар потенцираат дека истрагата продолжува со преземање дополнителни истражни дејства.
