Свечената церемонија на стадионот Ал Бајут во катарскиот град Ал Кору ја отвори познатиот холивудски актер Морган Фриман. Следуваа традиционални катарски танцови, по што на стадионот се појавија лица со знамињата на 32 држави учесници на овогодинешниот шампионат.
На нив им се придружија маскотите од претходните светски првенства, а беа изведени и песните од претходните Мундијали. Азијската музичка ѕвезда Јункок и катарскиот пејач Фахад Ал Кубаиси ја изведоа химната на ова Светско првенство а емирот на Катар Тамим бин Хамид ал-Тхани со своето обраќање го отвори Светското првенство
„На сите тимови и гледачи им посакувам уживање и одлична фудбалска претстава. Овие денови нека бидат денови кои ќе не надополнат со добрина и надеж, среќно на сите!”,
кажа Тамим бин Хамид ал-Тхани.
Првпат првенството ќе се игра на средина од фудбалската сезоната и практично во еден град или неговата околина – Доха. Сите осум стадиони се во радиус од 50 до 60 километри. Натпреварите од групната фаза на Светското првенство во 2022 година ќе се одржат од 20 ноември до 2 декември. Ова ќе биде последно СП со 32 репрезентации, чиј број ќе се зголеми на 48 за четири години.
Интересен факт за ова СП е тоа што Јамашита Јошими, Салима Мукансанга и Стефани Фрапар ќе бидат првите жени кои ќе судат мундијалски натпревари.
Организацијата на Светското првенство во Катар ќе чини, според извештајот на Front Office Sport, неверојатни 220 милијарди евра, што е пет пати повеќе од последните седум турнири заедно. Вкупните трошоци го урнаа рекордот што претходно го држеше Бразил, каде организацијата на Мундијалот чинеше 15 милијарди евра.
Тие изградија шест целосно нови стадиони, од кои секој има ултра модерен климатизиран систем за заштита на навивачите и играчите од жештината, а само изградбата на стадионот Ал Бајт (капацитет од 60 000) чинеше три милијарди евра, три пати повеќе од стадионот „Стад де Франс“ во Париз, кој е изграден за потребите на СП во 1998 година.
Освен стадиони, Катар реализираше и големи други инфраструктурни проекти, изградба на аеродром, три подземни железници и сосема нов град – Лусаи, кој има хотели, терени за голф и луксузна марина, а овие трошоци се исклучени од проценката на вкупните трошоците за турнирот.
Сите стадиони се наоѓаат во радиус од 55 километри од главниот град Доха, а тоа беше клучниот аргумент што го презентираше катарската влада во обидот да биде домаќин на првенството, наведувајќи дека сите објекти се лесно достапни.
Именуван по бројот на рециклирани бродски контејнери користени во неговата изградба, Стадионот 974, со капацитет од 40 000 седишта, ќе биде демонтиран по Светското првенство и повторно ќе се состави за да биде домаќин на спортски настани на друго место, иако следната дестинација сè уште не е позната.
Вкупно 3,2 милиони билети се достапни за турнирот, од кои една третина ќе оди кај спонзорите и превозниците, а според бројките на ФИФА, продажбата на билети достигнала 2,89 милиони евра до 17 октомври. Земјите кои купиле најголем број се редоследно: Катар, САД, Саудиска Арабија, Велика Британија, Мексико, ОАЕ, Аргентина, Франција, Бразил и Германија.