Со интронизацијата на владиката Јоаким, практично, заврши целокупниот процес на интеграција на Православната охридска архиепископија (ПОА) во МПЦ-ОА, откако претходно беа устоличени владиците Јован и Марко
Во новоизградениот храм „Константин и Елена“ во општина Илинден денеска беше официјално устоличен за владика на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) епископот дељадровско-илинденски г. Јоаким, објави порталот Религија.мк.
На литургијата во храмот „Константин и Елена“ сослужуваа митрополитот кумановско-осоговски г. Григориј, крушевско-демирхисарскиот г. Јован и епископот делчевско-каменички г. Марко од МПЦ-ОА, како и митрополитот црногорско-приморски г. Јоаникије, епископот рашко-призренски г. Теодосије и бихачко-петровачкиот г. Сергеј од Српската православна црква (СПЦ).
Со интронизацијата на Јоаким, практично, заврши целокупниот процес на итеграција на Православната охридска архиепископија (ПОА) во МПЦ-ОА, откако претходно беа устоличени владиците Јован и Марко.
Тројцата владици Јован, Марко и Јоаким кои добија епархии во МПЦ-ОА, ќе имаат право на глас во Синодот во полн состав, кој најверојатно треба да заседава кон крајот на годинава.
Православната охридска архиепископија (ПОА) на Јован Вранишковски на 5 јуни годинава беше припоена со МПЦ-ОА за време на светата архијерејска литургија во црквата „Света Софија“ во Охрид. Литургијата, со која чиноначелствуваа поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, и поглаварот на СПЦ, г.г. Порфириј, се одржа по повод годишнината од врачувањето на томосот за автокефалност кој минатата година српскиот патријарх му го врачи на архиепископот охридски и македонски, со што се стави крај на 55-годишниот спор меѓу црквите.