Властите стравуваат дека бројот на жртвите од земјотресот може да се зголеми бидејќи не успеале да воспостават контакт во ридското подрачје во близина на епицентарот. Округот Јајакот, каде што се случи земјотресот, има население од 190 000 луѓе и села од разбиен тип
Најмалку 128 лица загинаа, а повеќе од 100 други се повредени во разорниот земјотрес што го погоди округот Јајакот во западен Непал во петокот. Земјотресот се случил во 23:47 часот по локално време, а според Непалскиот национален сеизмички центар, бил со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала.
Европскиот сеизмолошки сеизмички центар (ЕМСЦ) и Американскиот геолошки институт, пак, ја измерија јачината на земјотресот на 5,6 степени. Потресот бил почувствуван и во главниот град на Непал, но и во градовите во соседна Индија, вклучувајќи го и Њу Делхи.
Во временски период од еден час по овој, биле почувствувани уште три земјотреси.
Властите стравуваат дека бројот на жртвите од земјотресот може да се зголеми бидејќи не успеале да воспостават контакт во ридското подрачје во близина на епицентарот, кој се наоѓа на околу 500 километри западно од главниот град Катманду. Округот има население од 190 000 луѓе со села од разбиен тип.
Непалскиот премиер Пушпа Камал Дахал пристигна во погодениот регион во саботата, откако ја изрази својата длабока тага за загубата на животи и имот предизвикани од земјотресот. Тој рече дека им наредил на безбедносните агенции веднаш да започнат спасувачки операции.
За да стигнат до погодените области, службите за пребарување и спасување треба да ги расчистат патиштата блокирани од свлечишта предизвикани од земјотресот.
Непал се наоѓа покрај Хималаите, каде што има голема сеизмичка активност. Во 2015 година земјата претрпе два разорни земјотреси во кои загинаа 9 000 луѓе, а 22 309 беа повредени. Оштетени беа околу еден милион објекти.