Според претседателката на државата, која денеска во Берлин учествуваше на Конференцијата за обнова на Украина, неопходно е инвестирање не само во патната и во енергетската инфраструктура, туку и во човечката, образовна, социјална и нормативна инфраструктура (на Украина)
По Втората светска војна, Маршаловиот план, меѓу другото, беше израз на солидарност кон разрушената Европа, а денес е неопходен нов вид Маршалов план за разрушената Украина.

Ова денеска, меѓу другото, го кажала претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на главниот панел во рамките на Конференцијата за обнова на Украина што се одржува во Берлин, Сојузна Република Германија.
„Според претседателката, неопходно е инвестирање не само во патната и во енергетската инфраструктура, туку и во човечката, образовна, социјална и нормативна инфраструктура (на Украина)“,
се наведува во соопштението од нејзиниот кабинет.
Сиљановска-Давкова, како што велат од кабинетот, се обратила на главниот панел за шефови на држави и влади на кои говореле и домаќините на конференцијата, германскиот канцелар Олаф Шолц и претседател на Украина, Володимир Зеленски.

На главниот панел присуствувале и претседателите и премиери од Холандија, Норвешка, Финска, Литванија, Молдавија, Естонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Грузија.
„На сесијата позитивно беше оценета постоечката заедничка европска позиција дека треба да продолжи сеопфатната помош за Украина“,
информираат од кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Дополнително, велат оттаму, претседателката на државата присуствувала на отворањето на Конференцијата, на кое свои обраќања имале германскиот канцелар Олаф Шолц, украинскиот претседател Володимир Зеленски и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Конференцијата е продолжение на серијата годишни настани на високо ниво посветени на брзо закрепнување и долготрајна реконструкција на Украина, по почетокот на руската воена агресија.
Клучна цел на настанот е да се обезбеди континуирана меѓународна поддршка за обнова, реконструкција, реформи и модернизација на Украина.