Сиљановска-Давкова изрази очекување од новиот владин состав совесно, чесно и одговорно да ја реализира поставената програма за работа, во согласност со македонските национални интереси и интересите на граѓаните
Успешна работа во исполнување на стратешките цели на државата, економски напредок и подобрување на животниот стандард на граѓаните, им порачала претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на средбата во претседателскиот кабинет на премиерот Христијан Мицкоски и на членовите на новата влада, истовремено упатувајќи честитки за нивниот избор.
Сиљановска-Давкова изрази очекување од новиот владин состав совесно, чесно и одговорно да ја реализира поставената програма за работа, во согласност со македонските национални интереси и интересите на граѓаните.
Новата влада, чиј претседател е Христијан Мицкоски, беше избрана синоќа во Собранието со 77 гласа „за“ и 22 „против“. Владината коалиција ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“ и ЗНАМ.
Во владиниот кабинет има 20 министерства, четири повеќе од досега. Петнаесет членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата „Вреди“ и двајца од ЗНАМ.
Христијан Мицкоски стана 13-тиот премиер, а ќе ја предводи 20-тата влада од осамостојувањето на државата.
Честитки за формирањето на новата влада до новоизбраниот премиер Христијан Мицкоски и министрите синоќа испрати и евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир.