Штрајкот нема да престане, штрајкувачите од ден на ден се сè посложни и доколку работна група од пет министри не седне да преговара уште денес, од утре штрајкот ќе стане поригорозен. Досега се работеа само итните и неодложни работи како претреси, притвори и неодложни жалби, а од утре нема да се работи ништо, велат од Синдикатот на УПОЗ

Околу 300 вработени во јавнообвинителските служби од целата држава денеска излегоа на штрајк во Скопје од каде што ѝ порачаа на Владата или да седнат на преговори уште денеска или од утре штрајкот ќе стане поригорозен. Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) остануваат на барањата за покачување на платите за 78 отсто и враќање на додатоците на плата од 35 отсто.
Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски, рече дека Владата треба да биде свесна дека доколку работната група и по овој протест не седне на маса да преговара, ќе се парализира целото судство.
„Денеска е 17. ден од штрајкот на јавните обвинителства, а Владата и обвинителот ’мува не ги лази’. Доколку Владата мислеше дека со формирање на работна група ќе ги излаже штрајкувачите и дека штрајкот ќе се прекине или ќе се стави во мирување, се излажа. Штрајкот нема да престане, штрајкувачите од ден на ден се сè посложни и доколку работна група од пет министри не седне да преговара уште денес, од утре штрајкот ќе стане поригорозен. Досега се работеа само итните и неодложни работи како претреси, притвори и неодложни жалби, а од утре нема да се работи ништо“,
рече Деаноски.
Тој рече дека секое понатамошно пролонгирање и избегнување решение ќе предизвика дополнителен гнев кај штрајкувачите, а за последиците од тој гнев нема да биде одговорен Синдикатот на УПОЗ.
„Не можеме да разбереме зошто Владата сега инсистира минималната плата да биде избришана како основен елемент од нашите плати. Тоа значи само едно. Кога во март идната година ќе порасне минималната плата, ниту еден од овие вработени нема да добие усогласување со минималната плата. Проекцијата е дека минималната плата ќе порасне за 3 000 до 4 000 денари, што ќе направи уште еден хаос во управата, во обвинителствата и во судовите. А ниту еден вработен нема да добие усогласување со порастот на минималната плата“,
рече Деаноски.
Претседателката на Синдикалната организација при јавни обвинителства при Синдикатот на УПОЗ, Изабела Илиева, рече дека револтот кај обвинителите станува сè поголем и оти од утре ќе почнат со заострување на штрајкот.
„Синдикатот на УПОЗ нè организираше да дојдеме од сите градови, од сите обвинителства и да ги искажеме нашите барања и нашиот револт. Револтот станува сè поголем и од утре па натаму ќе почнеме со заострување на штрајкот. Упатувам апел до Владата, ако сакаат да го решиме проблемот со нашите плати, да седнеме што поскоро. А ако не сакаат, тогаш тие си знаат. Ако една државата треба да има обвинителство кое не работи и не функционира, каде застаруваат истрагите бидејќи не работиме, тогаш народот нека оцени“,
рече Илиева.
Владата пред еден месец на седница донесе одлука да биде формирана работна група која ќе работи на изнаоѓање решение во врска со барањата и посочените состојби од страна на судската, јавнообвинителската служба и вработените во органите на државната управа.
Во работната група ќе бидат вклучени министрите за правда, финансии и за информатичко општество и администрација, заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, како и претставници од Синдикатот на УПОЗ.
Од УПОЗ на штрајкот што го организираа ден по донесувањето на оваа одлука на Влада, рекоа дека на првата средба која ќе ја има работната група ќе побараат дефинирање на рокови, односно таа работна група да ја заврши работата во најдолг рок од 10 работни дена.
