Затемнување на Сонцето се случува кога Месечината ќе помине директно помеѓу Земјата и Сонцето, при што Месечината фрла сенка врз Земјата. Широк појас во Северна и Централна Шпанија, како и мал дел од Португалија и делови од Гренланд и Исланд, денеска ќе доживеат ретко целосно затемнување. Делумно затемнување на Сонцето ќе може да се набљудува и од Македонија вечерва непосредно пред зајдисонце

Вечерва милиони Европејци ќе бидат сведоци на небесен спектакл – затемнување на Сонцето. Широк појас во Северна и Централна Шпанија, како и мал дел од Португалија и делови од Гренланд и Исланд, ќе доживеат ретко целосно затемнување. Светлината на Сонцето што заоѓа ќе биде речиси целосно блокирана низ поголемиот дел од Западна Европа, вклучувајќи ги Велика Британија, Франција, Белгија, Швајцарија и Северна Италија, објави „Гардијан“.
Што е затемнување на Сонцето
Затемнување на Сонцето се случува кога Месечината ќе помине директно помеѓу Земјата и Сонцето, при што Месечината фрла сенка врз Земјата. Целосно затемнување на Сонцето се случува кога сончевата светлина е целосно блокирана од Месечината, што значи дека се наоѓаат во умбрата (потполната сенка) од сенката на Месечината, а делумно затемнување кога само дел од светлината е блокиран, што значи дека се во пенумбрата (полусенката).
„Месечината и Сонцето мора прецизно да се порамнат за Месечината целосно да го покрие Сонцето и да може да се види целосно затемнување. Бидејќи орбитата на Месечината е малку наклонета, од наша перспектива таа не изгледа како да го преминува дискот на Сонцето при секое свое орбитирање околу Земјата“,
изјави д-р Меган Арго, вонредна професорка по астрофизика на Универзитетот во Ланкашир и потпретседателка на Друштвото за популарна астрономија.
Дали набљудувачите ќе видат целосно или делумно затемнување, или воопшто нема да видат затемнување, зависи од нивната локација на површината на Земјата. Мора да бидете точно во средината на сенката за да видите целосно затемнување, а тоа е прилично тесен појас на површината на Земјата.

Колку е ретко
Денешното целосно затемнување ќе биде прво на континентална Европа по две децении. Последен ваков настан видлив од Велика Британија, земја од која денеска ќе може да се види делумно затемнување, се случи во 1999 година. Следно целосно затемнување на Сонцето видливо во Велика Британија не се очекува пред 2090 година.
Иако оваа земја денеска ќе доживее само делумно затемнување на Сонцето, експертите се ентузијастични, истакнувајќи дека следниот ваков споредлив настан видлив во Велика Британија ќе биде во 2081 година.
„Ова е најголемо затемнување на Сонцето што сме го имале во Велика Британија од 1999 година наваму. Имаше уште неколку други делумни затемнувања, но ниту едно не беше толку длабоко, со толкав процент на Сонцето сокриен од Месечината“,
вели професорката Арго.
Кога ќе се случи
За оние што ќе го набљудуваат во Шпанија, во појасот на целосното затемнување, врвот ќе биде помеѓу 20:26 и 20:33 часот по локално време, во зависност од локацијата, кратко пред зајдисонце.
Во Велика Британија, Кралската опсерваторија Гринич пресмета дека делумното затемнување за набљудувачите во Лондон ќе започне во 18:17 часот по британско летно време, а ќе го достигне својот максимум во 19:13 часот и ќе заврши во 20:06 часот.
Иако Македонија нема да биде на патот на целосно затемнување на Сонцето, сепак, ќе може делумо да се види. Помрачувањето ќе биде видливо од Скопје околу 19:29 часот, макисмумот ќе биде во 19:36, а ќе заврши во 19:39 часот. Ќе се случува непосредно пред зајдисонце, кога Сонцето е ниско над западниот хоризонт.
Како да го гледаме безбедно
Експертите нагласуваат дека е од суштинско значење да не се гледа во Сонцето со голо око, ниту, пак, да се потпираме на очилата за сонце, предупредувајќи дека тоа може да предизвика трајно оштетување на видот. Наместо тоа, препорачуваат набавка на специјални очила.

Доколку облаците не го попречат погледот, глетката ќе наликува на сè поголем „загриз“ од дискот на Сонцето додека Месечината поминува пред него. Како што Месечината ќе се оддалечува, Сонцето постепено ќе се врати во својот полн сјај.
Зошто научниците се возбудени
Професорката Арго изјави дека постојат научни истражувања што може да се прават за време на затемнувањата бидејќи тоа нуди начин за проучување на надворешната атмосфера на Сонцето.
„Тоа може многу да ни каже за хемискиот состав на сончевата атмосфера и како атмосферата варира во зависност од циклусот на сончевите дамки и циклусот на сончевата активност, кој трае 11 години“,
рече таа.

Во минатото се изведувале и други значајни експерименти.
„За време на затемнувањето на Сонцето во 1919 година, беа организирани експедиции за мерење на позицијата на планетите и ѕвездите блиску до Сонцето за време на затемнувањето, со цел суштински да се потврди Ајнштајновата општа теорија за релативноста“,
рече Арго.
Се очекува и метеорскиот дожд Персеиди да го достигне својот максимум во текот на ноќта меѓу 12 и 13 август, па можеби вреди да се остане надвор по затемнувањето за да се фати поглед и кон оваа појава.
