Лансирањето на ракетата се чини дека е со намера за да се привлече вниманието на Токио и Вашингтон, откако САД и Јапонија заедно со Јужна Кореја минатата недела изведоа заеднички поморски воени вежби

Северна Кореја денеска за првпат по пет години истрела балистичка ракета над Јапонија и патувала околу 4 500 километри пред да падне во Тихиот Океан.
Ова растојание е доволно за ракетата да може да го погоди американскиот остров Гуам доколку биле лансирана по друга траекторија.
Лансирањето, наведува Би-би-си, се чини дека е намерна ескалација за да се привлече вниманието на Токио и Вашингтон.

Истрелувањето на ракетата доведе до активирање и на системот за тревога во Јапонија поради што беа повикани жителите на северниот и североисточниот дел од земјата да се засолнат.
„Акциите што ги презема Северна Кореја, вклучувајќи го и повторното лансирање балистичка ракета, му се закануваат на мирот и безбедноста во Јапонија, но и на регионот и меѓународната заедница и претставуваат сериозен предизвик“,
реагираше прес-службата на јапонските власти.
Набргу потоа и јапонскиот премиер Фумио Кишида излезе со осуда опишувајќи го лансирањето како варварски чин, а министерот за одбрана Јасуказу Хамада рече дека Јапонија нема да отфрли какви било опции за да ја зајакне својата одбрана.
Портпаролката на Советот за национална безбедност на САД, Адриен Вотсон, го нарече истрелувањето на ракетата од Северна Кореја „опасна и непромислена одлука“ која е дестабилизирачка за регионот.
Ваквото лансирање доаѓа и откако минатата недела Јапонија, САД и Јужна Кореја за првпат од 2017 спроведоа заеднички поморски вежби, на кои лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун, гледа како на доказ дека неговите непријатели се подготвувале за војна. И тогаш, како и сега, Северна Кореја даде сличен одговор. Прво истрела две ракети над Јапонија, а една недела подоцна имаше и нуклеарна проба.