Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников рече дека негово лично мислење е оти Путин нема да употреби нуклеарно оружје во војната. Лансирањето на ракетите во рамки на нуклеарната вежба доаѓа во период кога Русија изнесува неосновани тврдења дека Украина планира да користи „валкана бомба“
Русија ги спроведе најавените годишни нуклеарни вежби во време на зголемени тензии со Западот поради војната што Москва ја започна во Украина во февруари годинава.
Ова се први нуклеарни вежби од почетокот на руската агресија, а претседателот Владимир Путин ги надгледуваше.
Тој беше прикажан на руската државна телевизија како го следи лансирањето на две балистички ракети. Беа емитувани и снимки од неговите забелешки дадени на конференцијата на регионалните разузнавачки служби.
Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, пак, исто така имаше изјава велејќи дека целта на нуклеарните проби е воената команда да вежба „масовен нуклеарен напад на стратешките нуклеарни сили како одмазда во случај на нуклеарен напад од непријателот“.
Нуклеарните вежби опфатија лансирање на две балистички ракети. Едната наречена „Јарс“ беше лансирана од космодромот Плесецк што е на околу 800 километри северно од Москва, а балистичката ракета „Синева“, пак, беше истрелана од провинцијата Камчатка на далечниот исток на Русија.
По лансирањето, Кремљ се пофали дека сите проектили ги постигнале своите цели.
Пред вежбите, САД соопштија дека биле известени од Русија за плановите и дека со тоа Москва го испочитувала договорот за вооружување.
Лансирањето на ракетите доаѓа во период кога Русија изнесува неосновани тврдења дека Украина планира да користи „валкана бомба“ – експлозивна направа измешана со радиоактивен материјал.
Од друга страна, пак, Киев вели дека ваквите обвинувања од Москва би можеле да значат дека всушност руската страна е таа што се подготвува за употреба на вакво оружје.
Во врска со опасноста од нуклеарни напади од Русија, денеска украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников рече дека негово лично мислење е оти Путин нема да употреби нуклеарно оружје во војната.