„Навистина, во најкус можен рок, конечно мораме да го победиме непријателот кој е вкоренет во регионот Курск и се уште тука спроведува одбранбени дејствија“, рече рускиот претседател
Рускиот претседател Владимир Путин денеска го посети западниот руски регион Курск за првпат откако украинските сили во август минатата година зазедоа одредена територија во регионот, пренесува Ројтерс.
Путин, облечен во воена униформа, го посети контролниот центар во областа Курск што го користат руските сили.

„Навистина, во најкус можен рок, конечно мораме да го победиме непријателот кој е вкоренет во регионот Курск и се уште тука спроведува одбранбени дејствија“,
рече Путин во обраќањето до руското воено раководство.
Валериј Герасимов, началникот на рускиот Генералштаб, го информирал рускиот претседател дека засега украинските сили во областа Курск се опколени.
Путин смета дека Русија треба да ги третира заробените украински војници во регионот Курск како терористи.
„Луѓето кои се во регионот Курск, кои вршат злосторства против цивилите овде, кои се спротивставуваат на нашите вооружени сили, агенциите за спроведување на законот и специјалните служби, се луѓе со кои дефинитивно треба да се однесуваме како терористи“,
рече Путин, додавајќи дека Русија нема намера да ги прошири Женевските конвенции на странци кои се борат на страната на Украина.