Пожарот е ставен под контрола, а увид на местото на настанот е направен од страна на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС). Оттаму велат дека ќе следуваат истражни дејствија за причините за пожарот
Со повеќе од 10 возила и над 25 пожарникари се гасеше пожарот кој денеска избувна во медицинскиот дел од фабриката за производство на канабис во селото Дебриште во Општина Росоман.

Во изјава за МИА, од Центарот за управување за кризи (ЦУК) велат дека бил запален шамак, а пожарот брзо се ширел. Опожарена била нива од околу 10 до 15 декари.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, на својот профил на Фејсбук информира дека пожарот е ставен под контрола, а поголемиот дел од објектот е спасен.

„Територијалните противпожарни единици Кавадарци и Неготино, ЈП ‘Комуналец’ Кавадарци и противпожарна бригада од ЕуроНикел, со повеќе од 10 возила и над 25 пожарникари брзо интервенираа во гаснењето на пожарот. Благодарение на брзата интервенција на службите, пожарот е под контрола и е спасен поголемиот дел од објектот“,
информира градоначалникот на Кавадарци на својот профил на Фејсбук.
Во врска со опожарената фабрика се огласија и од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) од каде што велат дека на местото на настанот е направен увид, а ќе следуваат истражни дејствија за причините за пожарот.
„Опожарен е магацинскиот простор на правниот субјект „ГМ Лајт Медикал ДОО“, село Дебриште, во Општина Росоман. Од страна на ДИЖС, Одделението за инспекциски надзор во животната средина-Вардарски и Југоисточен Регион, Канцеларија Кавадарци, Државен инспектор за животна средина Јованче Колев веднаш е направен вонреден увид на лице место. Правниот субјект поседува Елаборат за животна средина“,
информираа од Инспекторатот.