Повеќето зимски центри во земјава се речиси без снег, но барем се пријатно место за да се избега од загадениот воздух во урбаните средини. Објавуваме фотографии од Попова Шапка каде на последниот ден од годинава блескаше сонце на праубавото сино небо
Наместо за скијање, туристичкиот центар Попова Шапка оваа Нова година е место за бегство од урбаниот хаос и од загадениот воздух. Можеби годинава нема снег, но затоа и на последниот ден од 2022 година небото е сино, пече сонце, а воздухот е вистинско освежување за разлика од маглата и загаденоста во градовите.

Хотелиерите со кои поразговаравме велат дека капацитетите се целосно исполнети, а присутни се невообичаено многу странски туристи.
„Мислам дека сите хотели се полни, освен оние што не работат. Имаме многу странски туристи од Малта, Австралија, Романија и Финска. Многу скијачи ги откажуваат аранжманите бидејќи нема снег, но тие места веднаш ги пополнуваме со други туристи зашто заинтересираноста за престој на Попова Шапка е многу голема“,
вели Хашим Асани од хотел „Скардус“.

Од ски-центарот најавено е дека ски-лифтите се во добра состојба и дека се очекува првиот снег во текот на јануари за да може конечно да се скија на патеките.
„Според некои најави, оваа сезона сепак ќе имаме снег, но по 15 јануари. Најавија дека од утре ќе биде пуштен и шестоседот за панорамско разгледување на падините“,
додава Асани.

Сепак, Попова Шапка и натаму се соочува со недостиг од паркинг места, достраена патна инфраструктура, дивоградби и кучиња скитници. Да се решат овие проблеми е новогодишната желба на сите вљубеници во еден од најубавите туристички центри во земајва, барем според природните карактеристики.
