Министерката за одбрана Славјанка Петровска најави дека до крајот на годината се очекува да пристигнат уште 27 вакви возила
Денеска на пристаништето во Солун, Република Грција, пристигна првата испорака од шест „JLTV“ лесни оклопни возила во рамките на проектот „Набавка на лесни оклопни возила на тркала“, објави на својот Фејсбук-профил министерката за одбрана Славјанка Петровска, споделувајќи фотографии од возилата.

„Оваа испорака претставува сериозен исчекор во процесот на модернизација и опремување на Армијата согласно НАТО стандардите и ќе бидат поддршка на Лесната пешадиска баталјонска група во Штип, која воедно е нашата НАТО единица“,
напиша Петровска.

Таа посочи дека проектот „Набавка на лесни оклопни возила на тркала“ е започнат во 2019 година со склучување договори меѓу владите на Република Северна Македонија и САД, а најави дека до крајот на годината се очекува да пристигнат уште 27 вакви возила.

