Се разговарало и за доставениот одговор од Северна Македонија на предлозите од Бугарија за пакетот за политички прашања таканаречен „5 + 1“, велат од МНР

Непосредно пред одржувањето на заедничката владина седница помеѓу Северна Македонија и Бугарија, шефовите на дипломатиите од двете земји, Бујар Османи и Теодора Генчовска, имале средба во Софија на која разговарале за актуелната состојба на политичкиот дијалог.
Тие зборувале и за одговорот на прашањата 5+1 што Скопје го испрати до Софија минатиот месец, а порачале и дека интензивните и директни контакти помеѓу двете министерства за надворешни работи се вистинскиот пат за изнаоѓање решение.

„Во рамки на средбата беше разгледана актуелната состојба на политичкиот дијалог и билатералните односи, вклучително и во контекст на имплементацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година. Се разговараше и за доставениот во декември 2021 година, одговор од Северна Македонија на предлозите од Бугарија за пакетот за политички прашања таканаречен ’5 + 1‘. Министерката Генчовска и министерот Османи го споделија мислењето дека директните и интензивни контакти меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји се правилниот пат за продолжување на напорите за изнаоѓање заемно прифатливи решенија за отворените прашања“,
соопштија од македонското Министерство за надворешни работи (МНР).
Шефовите на дипломатиите, потенцираат оттаму, изразиле задоволство што се интензивирал дијалогот, а ги поздравиле и иницијативите за формирање на секторски работни групи.

„Тие ја поздравија иницијативата за формирање секторски работни групи како средство за надградба на политичкиот дијалог и инструмент за идентификување и искористување на практичните придобивки од поактивната соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија“,
пишува во соопштението од МНР.
Официјалниот пречек на владината делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски беше организиран пред неполн час на плоштадот Александар Невски“ во Софија, каде двајцата премиери положија цвеќе на Споменикот на непознатиот војник.