Шефот на дипломатијата во објава на Фејсбук изрази сочувство до семејствата и пријателите на загинатите во масакрот и почит до, како што вели, невините жртви кои прерано ги загубија своите животи. Тагата што ја чувствуваат семејствата на загинатите, додава Османи во објавата, е неизмерна, но тие не се сами
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој денеска во улога на претседавач со ОБСЕ е во посета на Србија, положи цвеќе пред Основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград каде што на 3 мај се случи масовното убиство во кое загинаа десет лица, а повеќемина се повредени.

Шефот на дипломатијата во објава на Фејсбук изрази сочувство до семејствата и пријателите на загинатите во масакрот и почит до, како што вели, невините жртви кои прерано ги загубија своите животи.


„Сликите од неодамнешните пукотници сè уште шокираат и неповратно ја променија реалноста. Овие промени ги чувствуваме сите. Соочени со оваа незамислива трагедија, од клучно значење е да се здружиме во споделувањето на загубата и болката и да дадеме поддршка на најпогодените. Само така ќе потврдиме дека сме подготвени да спречиме вакви ужасни инциденти да се случат во иднина“,
пишува Османи на Фејсбук.

Тагата што ја чувствуваат семејствата на загинатите, додава Османи во објавата, е неизмерна, но тие не се сами.
„Заедно со ОБСЕ, нудиме утеха, сила и солидарност на нацијата обединета во колективната тага. Споменот за жртвите нека биде поттик за сите нас напорно да работиме за побезбедна иднина, каде што училиштата се симбол на знаење и пријателство“,
додава Османи.
Масовното убиство во белградското училиште „Владислав Рибникар“ се случи на 3 мај годинава кога 13-годишен ученик од ова училиште со огнено оружје усмрти девет соученици и чуварот на училиштето и рани неколкумина.