Владина делегација денеска положи свежо цвеќе и на спомен-обележјето во Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина, каде што се случи несреќата
Со положување цвеќе на гробот на поранешниот претседател Борис Трајковски на градските гробишта во Бутел, пред споменикот „Македонија“ во Струмица и на спомен-обележјето во Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина, денеска беше одбележана 20-годишнината од трагичната смрт на поранешниот претседател Борис Трајковски, членовите на делегацијата и екипажот на авионот.
На градските гробишта во Бутел цвеќе положија семејството на Трајковски, претседателот Стево Пендаровски, претставници на Владата, делегација на парламентот предводена од претседателот на Собранието Јован Митрески, делегација од Армијата, од Сојуз на борци од НОАВМ, делегација од ВМРО-ДПМНЕ, како и претставниците на дипломатскиот кор.
Владина делегација денеска положи свежо цвеќе положи и на спомен-обележјето во Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина, каде што се случи несреќата. Со владината делегација составена од министерките за култура и за животна средина и просторно планирање, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Каја Шукова, цвеќе положија и полковник Билјана Блажеска, претставник од кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, пратеници од македонското собрание, како и претставници од Армијата на Република Северна Македонија, ЕУФОР-БиХ.
Од име на Владата, а во чест и спомен на поранешниот претседател Борис Трајковски, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска рече дека ова спомен-обележје не е само паметник на трагичниот миг туку е потсетник за сите генерации дека Македонија имала и има доблесни и решителни луѓе кои следејќи ја својата визија, својот сон, имаа храброст да гледаат во иднината.
„Денес нашата земја е членка на НАТО и на дофат ѝ е членството во Европската Унија. Визијата на Трајковски ме остава во уверување дека и сега тој не би се двоумел што е најисправно да се направи иако и самиот тој знаел дека луѓето со визија се осудени да бидат подоцна разбрани“,
рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Пред спомен-обележјето, заедно со македонската делегација, почит оддадоа и високи претставници од Босна и Херцеговина и од градот Мостар.
Членови на семејството Трајковски, пријатели, претставници на локалната самоуправа, политички партии и здруженија на граѓани положија цвеќе и се поклонија пред споменикот „Македонија“ во Струмица, подигнат во негова чест.
На 26 февруари 2004 година во авионска несреќа загинаа поранешниот претседател Борис Трајковски и осумчлената делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар. Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија: портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.