Вицепремиерот и министер за транспорт денеска изврши увид на трасата, најавувајќи скоро пуштање во употреба за како што ја нарече најкомплицираната делница во државата
Изградбата на автопатот Охрид-Кичево се одвива со забрзана динамика и наскоро ќе резултира со пуштање во сообраќај на нова клучна делница, порача денеска вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, по направениот увид на градежните работи на потегот од Пресека до Кичево и најави дека во следните неколку месеци ќе бидат отворени нови 10 километри.

Тој вели дека станува збор за најкомплицираниот дел од трасата каде што се лоцирани тунелите и галериите и оти на терен паралелно се работи на повеќе фронтови, односно се врши стабилизација на земјиштето, се довршуваат мостовите и интензивно се работи на двете тунелски цевки. Според Николоски, бројките за овој проект се импресивни, а изведбата на галериите претставува инженерско чудо кое за првпат се применува не само кај нас, туку и во целиот регион.
„Тука се градат вкупно осум галерии. Три од нив се веќе во завршна фаза – две се целосно завршени, а на третата интензивно се работи. Само овие три галерии имаат вкупна должина од 1 100 метри. Воедно, тунелите што се градат ќе бидат најдолгите во Македонија – едната цевка е со должина од 2 километри, додека другата е 2 100 метри“,
рече тој.
Изградбата на овие галерии, посочи Николоски, се покажала како најпаметно и најефикасно решение за трајна стабилизација на земјиштето, што е клучно за заштита на трасата и гарантирање безбедно возење во иднина и кажа оти во моментов граѓаните веќе возат на 34 километри од автопатот и изрази оптимизам за брзо комплетирање на целосната слика.
„Ова беше напуштен проект, проект во кој никој повеќе не веруваше. Но, еве го, крајот веќе се гледа. Со пуштањето на овие најкомплицирани 10 километри за неколку месеци, овој дел од автопатот ќе биде целосно функционален“,
заклучи министерот.
