Мицкоски, кој со владина делегација попладнево беше во Нови САД на прослава на 80 години од доселувањето на Македонците во Војводина, укажа дека во време кога светот се соочува со нови поделби, неизвесности и тензии, Македонија и Србија имаат обврска да градат мостови, а не ѕидови, да ја чуваат блискоста создадена од претходните генерации и како вредност да ја пренесуваат на идните
„Нашето пријателство го докажавме безброј пати, кога беше тешко пред 30 години. Кога воспоставивме и формални дипломатски односи, го признавме името и идентитетот (на Македонија). Можевме да се потпреме едни на други и кога пандемијата на ковид покажа всушност кои се вистинските пријатели. Со иницијатива на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, направивме мини-шенген и Отворен Балкан. Секако, како и во секое семејство, понекогаш постојат и некои несогласувања, но докажавме дека со заеднички труд неопходно е да се издигнеме над дневната политика и само потпрени едни на други можеме да постигнеме многу и да растеме заедно“, рече српскиот премиер Ѓуро Мацут во своето обраќање на свечената академија
Народот кој ги чува своите корени, својот јазик и својата култура никогаш не се губи и не останува без дом и секогаш ќе има иднина, порача премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање на свечената академија „80 години од доселувањето на Македонците во Војводина“, која попладнево со одржа во Нови Сад.

Мицкоски во Нови Сад отпатува со владина делегација, која ја сочинуваат вицепремиерот за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за култура и туризам Зоран Љутков, а свеченоста се одржа во Студентскиот културен центар и на неа, покрај другите, присуствуваа премиерот на Србија, Ѓуро Мацут, и претседателката на покраинската влада на Војводина, Маја Гојковиќ.
„Јазикот не преживува сам по себе. Традицијата не се пренесува без љубов, труд и свесна посветеност. За да се сочува едно име низ осум децении, потребни се генерации луѓе кои одбиваат да заборават, потребни се мајки и татковци кои дома го зборуваат мајчиниот јазик, потребни се учители, културни работници, духовници, луѓе кои организираат фолклорни фестивали, литературни вечери, изложби, академии и училишта, но пред сѐ луѓе кои разбираат дека народ без култура е народ без меморија, а народ без меморија лесно може да ја изгуби и својата насока“,
рече Мицкоски во своето обраќање.
Приказната на Македонците во Војводина, оцени премиерот, е доказ дека човек може да живее далеку од родниот крај, но срцето, како што кажа, и понатаму да му чука во ритамот на мајчиниот јазик, да создаде дом без да го заборави стариот и да биде лојален граѓанин на државата во која живее, а истовремено и достоинствен чувар на сопствениот национален и културен идентитет.
„Таа рамнотежа, таа способност да се биде свој, а притоа отворен кон другиот, претставува голема вредност и голема лекција не само за Балканот, туку и за Европа и светот“,
кажа тој.
Говорејќи за Македонија и Србија, премиерот рече дека двете земји не ги поврзуваат само политики и државни односи, туку луѓето, генерациите кои растеле во исти културни и духовни простори, песните што ги знаеме, книгите што сме ги читале и вредностите со кои сме воспитувани. Двете земји, додаде тој, покрај чувството за семејство, чест, човечност и достоинство, ги поврзува и, како што кажа, една длабока историска вистина – дека Балканот не напредува кога народите се оттурнуваат едни со други, туку кога градат доверба, заемна почит и искрено партнерство.
Надоврзувајќи се во тој контекст, Мицкоски укажа дека во време кога светот се соочува со нови поделби, неизвесности и тензии, народите на двете земји имаат обврска да градат мостови, а не ѕидови, да ја чуваат блискоста создадена од претходните генерации и како вредност да ја пренесуваат на идните.
„Денес од Нови Сад испраќаме порака на заедништво, порака на почит и пријателство, порака дека иднината мора да се гради врз она што нѐ поврзува, а не врз она што нѐ разделува“,
рече Мицкоски.

Обраќајќи им се на младите Македонци во Нови Сад, Панчево, Јабука, Качарево, Зрењанин, Белград, Врање, Ниш, Лесковац, секаде каде што живее нашата заедница, Мицкоски потенцира дека тие се генерацијата на новото време, на технологијата, мобилноста и глобалните можности, но оти токму во такво време уште поважна станува свеста за сопствените корени.
„Не дозволувајте модерноста да ви ја одземе меморијата и брзината на времето да ви го избрише чувството на припадност. Бидете современи, успешни, образовани и освојувајте универзитети, компании, институции и културни сцени, но никогаш не заборавајте кој јазик ве научил на првиот збор, која песна ви ја пееле вашите родители и кои приказни ви ги раскажувале вашите баби и дедовци“,
рече македонскиот премиер.
Според него, Нови Сад и Војводина отсекогаш биле простор каде што различностите не биле слабост, туку богатство, простор каде што народите не морале да се откажат од својот идентитет за да живеат заедно, туку напротив – преку заемна почит и разбирање создавале мозаик од култури, јазици и традиции кој денес претставува едно од најголемите богатства на овој дел од Европа. Во таа приказна, подвлече дека Македонците имаат свое чесно, заслужено и достоинствено место.
Премиерот на Србија, Ѓуро Мацут, во своето обраќање, меѓу другото, рече дека Србија пријателството со Македонија го докажала безброј пати, споменувајќи го притоа признавањето на името на државата и идентитетот пред 30 години, како и времето на пандемијата со ковид, кога, како што рече, се покажало кои се вистинските пријатели.
„Врските кои постојат меѓу нашите народи се многу посилни од комшиските, политичките, тие се семејни. Секој од нас има некого во Македонија и секој од Македонија има некого во Србија. Нашето пријателство го докажавме безброј пати, кога беше тешко пред 30 години. Кога воспоставивме и формални дипломатски односи, го признавме името и идентитетот (на Македонија). Можевме да се потпреме едни на други и кога пандемијата на ковид покажа всушност кои се вистинските пријатели. Со иницијатива на претседателот на Србија, Александар Вучиќ направивме мини-шенген и Отворен Балкан. Секако како и во секое семејство, понекогаш постојат и некои несогласувања, но докажавме дека со заеднички труд неопходно е да се издигнеме над дневната политика и само потпрени едни на други можеме да постигнеме многу и да растеме заедно. И ќе продолжиме тоа да го правиме, со заеднички сили да се помагаме и здружено да стигнеме онаму каде што ни е историски, политички и културолошки местото, а тоа е Европската Унија“,
рече Мацут.

Пред свеченоста премиерот Христијан Мицкоски преку објава на својот фејсбук-профил информира дека имал средба со својот Мацут, на која разговарале за унапредувањето на билатералната соработка, регионалната стабилност и можноста за продлабочување на на економските и институционалните врски меѓу двете земји.
„Ја потврдивме подготвеноста за понатамошно развивање на добрососедските односи и заедничка работа во насока на просперитет, стабилност и подобра иднина за граѓаните на двете држави“,
напиша Мицкоски во објавата.
