Според извештаите, формирана е и специјална комисија за да ја води истрагата за инцидентот
Најмалку 37 лица загинале, а околу 100 се повредени откако преполн траект се запалил во јужен Бангладеш, соопштија локалните функционери.
Пожар на бродот со три палуби избил среде река во близина на Џалакати, додека пловел од главниот град Дака до Баргуна.
Некои од жртвите се удавиле откако скокнале во вода, пренесува Би-би-си.
Тамошните власти очекуваат бројот на жртвите во трагедијата да порасне бидејќи многумина од патниците се здобиле со сериозни изгореници.
На бродот наводно имало околу 500 луѓе.
Се верува дека пожарот избил во машинската просторија и бргу се проширил додека траектот во утринските часови пловел по реката Суганда, соопштиле од противпожарната служба за локалните медиуми.
Пожарот траел со часови, а една од преживеаните патнички, за АФП рекла дека повеќето од луѓето спиеле кога избил пожарот.
„Речиси сите спиевме. Со мене беше и мојот деветгодишен внук Најим, кој скокна во реката. Не знам што му се случи“,
изјавила таа.
Според извештаите, формирана е и специјална комисија за да ја води истрагата за инцидентот.
Баргуна се наоѓа 250 километри јужно од Дака.
Несреќите на траектите не се невообичаени во Бангладеш, а за инцидентите се обвинуваат голем број на луѓе на пловилата и лошите стандарди на одржување и безбедност во многу бродоградилишта во земјата.
Па така, во јуни 2020 година десетици луѓе загинале кога се превртел чамец со околу 50 луѓе во близина на Дака.