Лидерите на трите партии ги образложија партиските согледувања за францускиот предлог, и ги истакнаа нивните загрижености во однос на истиот, велат од кабинетот на претседателот

Претставници на трите коалициски партнери во Владата, кои изразија резерва за францускиот предлог, ДОМ, Демократскиот сојуз и ЛДП попладнево биле на средба со претседателот Стево Пендаровски на која разговарале за предлогот, соопштија од кабинетот на шефот на државата.
Во претседателската вила на Водно биле партиските лидери: Маја Морачанин, Павле Трајанов и Горан Милевски.

„На средбата се разговараше за актуелните политички случувања во земјата и за модифицираниот предлог на француското претседателство со ЕУ за почеток на пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија. Лидерите на трите партии ги образложија партиските согледувања за францускиот предлог, и ги истакнаа нивните загрижености во однос на истиот“,
велат од кабинетот на Пендаровски.
Во претседателската вила на Водно вчера се одржа и седница на Советот за безбедност, по која Пендаровски кажа дека е прифатлив францускиот предлог за надминување на спорот со Бугарија и старт на преговорите со ЕУ.
„Одлуката да го прифатиме предлогот нема да биде ниту историски триумф, ниту историски дебакл. Според мене, станува збор за транзиционен компромис за една од фазите на европските интеграциите, за кој три елементи се битни и затоа предлогот, според мене, во оваа фаза, е прифатлив. Со предлогот ја креваме бугарската блокада и тој дозволува формално отворање на преговорите после 17 години чекање, второ, овозможува скрининг процес, и, трето, ама баш со ништо, не го поткопува македонскиот идентитет затоа што за клучната одредница за македонски јазик во предлогот има чиста формулација, без фуснота“,
рече вчера претседателот.
Меѓутоа, тој дал ѝ предложил на Владата и доколку одлучи да го прифати францускиот предлог, да донесе и заклучоци дека ако се појават дополните барања, ќе се откажеме од идејата за членство во ЕУ.