Прекинот на снабдувањето со електричната енергија ги зафати цели Шпанија и Португалија, вклучувајќи ги и главните градови на двете држави, Мадрид и Лисабон, каде што голем број јавни услуги прекинаа со работа, додека надлежните се обидуваат да ја стаблизираат мрежата на Пиринејскиот Полуостров
Прекин во снабдувањето со електрична енергија денеска предизвика целосен колапс во секојдневниот живот во поголемиот дел на Шпанија и Португалија, јавуваат светските агенции.

Прекинот предизвика застој на метроата и железничкиот сообраќај, телефонските услуги не се достпани, а исклучени за 50 милиони луѓе кои живеат на Пиринејскиот Полуостров останаа и семфорите на сообраќајниците и банкоматите, пренесе Асошиејтед прес (АП).
Шпанскиот дистрибутер на електрична енергија „Ред електрика“ соопшти дека ќе бидат потребни помеѓу шест и 10 часа за целосно враќање на електричната енергија во земјата и соседна Португалија. До попладнето, електричната енергија постепено беше вратена на север, југ и запад од полуостровот, соопшти компанијата.
Компанијата не сакаше да шпекулира за причините за прекинот на електричната енергија. Португалскиот национален центар за сајбер-безбедност издаде соопштение во кое се вели дека нема индиции оти прекинот е предизвикано од кибернапад.
Раководителот во секторот за операции на „Ред електрика“ во изјава за новинарите рекол дека станува збор за случај без преседан, оценувајќи го настанот како исклучителен и несекојдневен.
Прекинот на снабдувањето со електричната енергија ги зафати цели Шпанија и Португалија, вклучувајќи ги и главните градови на двете држави, Мадрид и Лисабон.
Во Барселона, жителите влегуваа во продавници барајќи радиоприемници на батерии, а цивилите го насочуваа сообраќајот на раскрсниците вдолж авенијата Гран Виа што поминува низ градот.
Засега нема прецизна информација колку граѓани на двете земји, кои заедно бројат повеќе од 50 милиони жители, биле погодени од случајот.

Шпанскиот премиер Педро Санчез свика вонреден состанок на Националниот совет за безбедност на Шпанија и ја посети „Ред електрика“ за да ги следи напорите за обновување на дистрибуцијата на електрична енергија. Португалскиот премиер Луис Монтенегро изјави дека неколку пати разговарал со Санчез и очекува струјата да биде вратена до крајот на денот.
Португалската влада свика вонреден состанок во резиденцијата на премиерот. Беше објавено дека прекинот на електричната енергија најверојатно потекнува надвор од земјата, изјави официјалното лице за националната новинска агенција – Луса.
„Се чини дека проблемот е во дистрибутивната мрежа за електрична енергија, очигледно во Шпанија. Причината сè уште се утврдува “,
изјави министерот Леитао Амаро, цитиран од агенциите, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
По прекинот на струјата, шпанските аеродроми работеа на резервни електрични системи, а некои летови беа одложени, соопшти „Аена“, компанијата што управува со 56 аеродроми во Шпанија, вклучувајќи ги и оние во Мадрид и Барселона.
Во Лисабон терминалите на аеродромоте беа затворени, а толпи туристи чекаа на отворено, чекајќи вести за летови. Железничкиот сообраќај во двете земји е, исто така, запрен.
Шпанската сообраќајна служба ги замоли граѓаните колку што е можно повеќе да избегнуваат користење автомобили поради прекинот на електричната енергија, што ги исклучи семафорите и електронските сообраќајни знаци.

Во Португалија, земја со околу 10,6 милиони жители, прекинот на електричната енергија ги погоди Лисабон и околните области, како и северните и јужните делови. Португалската полиција распореди повеќе полицајци за насочување на сообраќајот и справување со зголемените барања за помош, вклучително и оние од луѓе заглавени во лифтови.
Болниците и другите служби за итни случаи во Шпанија и Португалија се префрлија на резервни системи за напојување, а бензинските пумпи прекинаа со работата.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска изјави дека нема индиции оти прекинот на снабдувањето со електрична енергија на Иберискиот Полуостров е предизвикан од кибернапад.
„Ги контактирав премиерите на Шпанија, Педро Санчез, и на Португалија, Луис Монтенегро, и се распрашав за прекинот на снабдувањето со електрична енергија на Иберискиот Полуостров. Операторите на електроенергетските мрежи во двете земји работат на пронаоѓање на причината и на повторно воспоставување на снабдувањето со електрична енергија. Во моментов нема индиции за каков било кибернапад“, се наведува во објавата на Кошта на социјалната мрежа Икс.