Завчера, околу 10 часот, екипите на „Македонијапат“ почнаа со рушење на дивоградбата кај ТЦ „Мавровка“, објект кој никна на местото на изгореното кафуле „Фонтана“. Денеска, во 14 часот, на терен сѐ уште се работи.
Како што може да се види од фотографијата, срушен е поголем дел од бетонската плоча и половина од столбовите на објектот.

Голем дел од бетонот и арматурата кои се срушени сѐ уште се наоѓаат околу објектот. Шутот повремено се собира и изнесува од локацијата со камиони.



И во Аеродром бараат багери
Додека рушењето на „Фонтана“ по иницијатива на Владата очигледно не оди брзо, до премиерот Заев стигна барање за слична интервенција и во Општината Аеродром. Здружени сопственици на локали, со писмо бараат рушење на дивоградба во склоп на трговскиот центар „Бисер“.
Поттик да му се обратат лично на премиерот велат дека добиле токму од рушењето на дивоградбата пред трговскиот центар „Мавровка“.
Рушењето на дивоградбата кај „Мавровка“ веќе отвори и јавна и политичка дебата. Опозицијата побара по сличен терк да се срушат и други објекти, меѓу кои и такви изградени кога тие беа на власт. Прашан од новинарите – дали владата ќе почне да интервенира на сличен начин како кај „Мавровка“ и на други локации, новиот министер за транспорт и врски Благој Бочварски избегна да даде концизен одговор.