Хрватска ќе добие нов шеф на државата. По пет години Колинда Грабар-Китаровиќ заминува од претседателската функција а нејзе ќе ја замени Зоран Милановиќ.
Во вториот круг на претседателските избори според официјалните статистики на Државната изборна комисија на Хрватска, да гласаат излегле околу 55 проценти од жителите со право на глас.
На 99,71 проценти од обработените гласови, Зоран Милановиќ има предност од 106 илјади гласови пред Колинда Грабар-Китаровиќ. 1 милион и 33 илјади хрватски државјани со право на глас го поддржале Милановиќ, додека актуелната претседателка на земјата добила 927 илјади гласови.
Китаровиќ води во речиси сите области на западот од земјата, Задар, Шибеник, Сплит, Дубровник, додека пак во главниот град, голема предност има Милановиќ.
Во дијаспората пак ситуацијата е различна. На 91 процент од обработените гласови, убедливо води Грабар-Китаровиќ за која гласале 44 илјади од хрватските иселеници, наспроти 6 илјади кои својот глас го дале за Милановиќ.
Колинда Грабар-Китаровиќ беше првата жена претседател на Хрватска, а воедно и најмлад политичар кој ја извршувал оваа функција во државата. Победи во вториот круг на претседателските избори во 2015-та година, против тогашниот против-кандидат Иво Јосиповиќ, но за неа вториот круг на овие претседателски избори не е успешен како претходниот.